Фото: Маја Јаневска Илиева

Јавниот обвинител на Јавно обвинителство, Ненад Савески, изрази жалење за оставката на обвинителката Ленче Ристоска, нагласувајќи дека нејзиното заминување претставува загуба за институцијата.

Савески информира дека за одлуката бил известен преку СМС порака по поднесувањето на оставката, додека причините за ваквиот чекор ги дознал од медиумите.

– Јавното обвинителство останува без обвинител од кој очекував значаен придонес, особено имајќи го предвид нејзиното искуство и улогата како обвинител за врски со Европравда – истакна Савески.

Тој појасни дека одлуката за повлекување на овластувањата дадени од претходните раководства не е насочена кон конкретни лица, туку има организациски карактер.

– Оваа одлука има за цел да ја зголеми ефикасноста во постапувањето на обвинителството и не е персонална – нагласи јавниот обвинител.

Савески упати апел до сите обвинители да го зачуваат професионалниот интегритет и да не дозволат надворешни влијанија врз нивната работа.

– Да не дозволиме ништо да влијае врз нашиот интегритет и секојдневно постапување – порача тој.

Воедно, повика и до општествено влијателните субјекти да придонесат за создавање атмосфера во која ќе се зачува угледот на обвинителството.

Тој додаде дека сите одлуки што ги носи се насочени кон гарантирање на независноста и самостојноста на обвинителството, како клучни принципи во функционирањето на правосудниот систем.