фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство Азир Алиу денеска го посети „Мајчин дом“ по повод проширувањето на просторните капацитети на одделот за психофизиологија.

– Проширувањето овозможува поефикасна организација на дијагностичките и терапевтските активности и обезбедување стручна поддршка во областа на детскиот развој. Новите простории создаваат функционална средина како за стручниот тим така и за пациентите со развојни тешкотии и нивните семејства. Ова е значаен чекор во континуираното унапредување на здравствената заштита, со посебен фокус на раната детекција, навремената интервенција и сеопфатната грижа за децата со заостанување во психомоторниот развој и аутизам – истакна министерот Алиу.

Од Министерството за здравство соопштија дека реализацијата на ова проширување е овозможена благодарение на соработката со повеќе општествено одговорни компании и поединци, кои ја поддржаа оваа иницијатива.

Министерството за здравство и Клиниката за детски болести, како што се наведува, остануваат посветени на унапредување на условите за третман и обезбедување највисок квалитет на здравствена грижа за најмладите пациенти.