- Потегот на Томас Вајц, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, кој од Брисел побара „правната служба на Европскиот совет да ги разјасни сите двосмислености околу вториот протокол…“, е одличен повод и Македонија да тргне во акција! Вајц очигледно е чесен и добронамерен и, преку дебатите во парламентот, станал свесен за нецивилизациските неправди и тортури на кои предолго е изложена Македонија во ЕУ
Mоментално, барем формално, главниот проблем, пречка, предизвик, блокада…, со кој се соочува Македонија на патот кон ЕУ – е протоколот од втората меѓувладина комисија со Бугарија (2022). Од него произлегува неприфатливиот ултиматум да се менува Уставот, па затоа Македонија се наоѓа изолирана, уценета и во тесен ќор-сокак. Меѓутоа, клучниот проблем е што овој протокол, ама и оние што треба да следуваат (?!?), е вграден во преговарачката рамка, со што директно се попречува нашиот прием во ЕУ. На софистициран начин, подметнато ни е да ги водиме преговорите со Софија, а не со Брисел, а клучен критериум да бидат резултатите од историската комисија! Од нас, речиси отворено, (ќе) се бара да се откажемe од своите фундаменти – народ, јазик, историја…
Мандатот на меѓувладината комисија со Бугарија е еднаш годишно да го оценува спроведувањето на договорот за (не)пријателство, а протоколите што се потпишуваат на тие средби се обични записници за констатираните резултати и проблеми. Ништо повеќе. Досега, во речиси девет години, има само два протокола, што значи дека договорот не се спроведува. Вториот протокол – не е: на 17 јули 2022 година, меѓувладината комисија го игнорирала својот мандат и потпишала нов меѓудржавен договор со многу еднострани и понижувачки обврски за Македонија. Во таков случај, според членот 13, став 2, од договорот за (не)пријателство, потребно е протоколот да биде ратификуван од двете собранија, а такво нешто – немало! Затоа, сите овие обврски, од промената на Уставот… – немаат никаква правна важност!
Преговарачката рамка е скроена според т.н. француски предлог и во неа се вклучени сите бугарски фантазмагории со кои се негираат Македонците. Таа се повикува и на вториот протокол, ама и на протоколите што во иднина ќе ги потпишуваат меѓувладините комисии! Тоа е неприфатлива будалштина. Рамката е погубна за Македонија бидејќи главен критериум за нашето членство ќе бидат резултатите на историската комисија со Софија, а не Копенхашките критериуми. А веќе е неоспорно дека главна задача на бугарскиот дел од оваа комисија е – бугаризација на Македонците, со наметнување заедничка историја и присвојување на сите македонски историски настани и револуционери (Делчев…). Ништо друго.
Рамката, ултимативно ја наметнува и промената на Уставот, како предуслов за почеток на преговорите. Тоа го симболизира разнебитувањето на Македонците. А Уставот, и утре да го смениме, и тоа од задутре да важи – нема ништо да ни донесе. А со оваа рамка, никогаш нема да влеземе во ЕУ! Така, доаѓаме до нашиот императив – не промена на Уставот, клучна за нас е промена на рамката! А таа, единствено може да се сруши со поништување на вториот протокол! Со тоа, паѓа во вода и ултиматумот за промена на Уставот. Со еден удар, два клучни погодока! Македонија по никоја цена не смее да ги внесе Бугарите во Уставот, бидејќи целта на тоа барање е создавање втора бугарска држава.
Од приложеното, јасно се гледа дека Македонија се наоѓа во тешка и деликатна меѓународна позиција. И ако не се преземат радикални мерки – наскоро ќе биде уште полошо. Со промена на понижувачката и срамна реторика во однос на Брисел и Софија и со одбивање да се менува Уставот, без одредени гаранции, направени се сериозни промени во надворешната политика. Прекинати се и нашите капитулации. Сето тоа, меѓутоа, има само начелен карактер. Сега, мора да се тргне во радикална акција. Без тоа, и понатаму ќе се вртиме во маѓепсан круг, во кој сме предолго, и ќе пропаѓаме.
Доаѓаме и до потегот на Томас Вајц, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, кој од Брисел побара „правната служба на Европскиот совет да ги разјасни сите двосмислености околу вториот протокол…“! Тоа е одличен повод и Македонија да тргне во акција! Вајц очигледно е чесен и добронамерен и, преку дебатите во парламентот, станал свесен за нецивилизациските неправди и тортури на кои предолго е изложена Македонија во ЕУ.
Вајц го доведе во прашање вториот протокол, кој по многу е симбол на сите наши голготи, актуелни последните години. Тој отвори простор и за наша акција, што е веќе и обврска, а не само можност! Впрочем, и без тоа, веќе подолго време ние сме на потег. А и нечесно би било некојси Вајц да се бори за нашите интереси, а ние да гледаме сеир! Кога вториот протокол веќе се доведува во прашање, ние и немаме друг избор, освен веднаш да го – откажеме! Тоа може да се постигне на едноставен начин – со соодветна дипломатска нота. Иако Македонија нема време за чекање, целата операција треба да започне откако ќе завршат изборите во Бугарија. Ако не преземеме таков чекор, пак, земјата ќе навлегува во сѐ подлабока криза. Таа, веројатно, ќе кулминира следната година, кога ќе се најдеме во речиси безизлезна ситуација.
Затоа, наша историска должност е да се спречи злоупотребата на овој протокол, чија главна цел е бришење на нашиот народ. Од фактите, кои веќе сме ги изложиле, е очигледно дека тој е апсолутно нелегален документ што е неупотреблив, неодржлив, и треба итно да се откаже. Никој во земјава не дал согласност за него. А по потегот на Вајц, и Уставниот суд треба итно да се изјасни за овој протокол, по иницијативата на Лилјана Поповска. Сега, тоа е главен државен и национален приоритет.
Освен во однос на Софија, на внимателен дипломатски начин и на Брисел мора да му се стават на знаење манипулациите што се правени таму во врска со преговорите со Македонија и т.н. француски предлог. Вториот протоколот е резултат на непростлив историски злочин на – Бујар Османи и тогашната македонска власт, меѓутоа, своја „заслуга“ има и Унијата. Таа и го менаџираше целиот проект, иако многу добро знаела дека сето тоа е надвор од сите правила, процедури, пракси, ама и вредности на самата ЕУ. Со таков потег ќе ја амортизираме и вревата што ќе се крене таму околу откажувањето на протоколот.
Брисел мора да објасни врз која основа се бара, во преговарачката рамка, исполнување и на обични билатерални записници, кои ќе треба да се потпишуваат наредните години? Така, Македонија се става во канџите на Бугарија! А што ако не се потпишуваат тие, како сега, тоа ќе биде крајот за Македонија? Или, зошто во рамката се доведува во прашање македонскиот јазик и отворено се ЗЕМААТ ПРЕДВИД бугарските негирања на истиот тој? Или, зошто билатерални историски прашања се вклучени во рамката и треба да бидат клучни за напредокот на Македонија? Тоа нема врска со Унијата! Од Брисел треба да се бара да го испита и начинот на кој масовно, илегално и длабоко корумпирано им се издаваа(т) бугарски пасоши на македонски граѓани? Зошто не реагирале досега? Тоа воопшто не (беше) е случајно!
Нашата власт мора да ја искористи оваа извонредна шанса. Мора да ни биде кристално јасно дека какви било промени во ставовите и политиките на Брисел и Софија, во врска со нашето членство во ЕУ, се апсолутно исклучени! Тие добија што сакаат и немаат причини да се преиспитуваат. А ако прифатиш нешто, како што направија нашите предавници со вториот протокол, или го исполнуваш или го откажуваш, трето нема. Затоа сега ние сме на потег. Во дипломатијата, откажувањето и меѓународни договори е обична рутина, а записници, пак, како овој протокол – е секојдневна пракса!
Ако ја пропуштиме оваа шанса, тоа ќе биде директен показател дека не нѐ бидува за водење сопствена држава. Тоа ќе значи дека Македонија нема политичари подготвени да се борат за сопствените интереси на меѓународната сцена. Тоа ќе биде потврда дека сме подготвени да се откажеме и од самите себе. Поточно, дека ја прифаќаме – бугаризацијата! Не смееме да дозволиме странците и понатаму да ја водат оваа држава. Тоа беше срамна одлика – на претходната власт!
Со откажување на вториот протокол ќе отвориме пат и за дефинитивно расчистување на односите со Бугарија и за нивно поставување на реципрочна основа – Бугари кај нас, ама и Македонци кај нив! Тоа е клучен императив за нас, без кој нема никогаш да стигнеме до Европската Унија. Ако дозволиме Бугарија да остане на своите небулози и историски синдроми дека сме биле „Бугари“ по род (1945), со јазик дијалект и со заедничка – бугарска историја… нивното собрание нема никогаш да ратификува наше членство во ЕУ – како Македонци! Тоа е нивна аксиома.
Заклучокот е прост – со дипломатско откажување на вториот протокол ни се отвора патот кон Брисел, кој сега целосно е затворен, колку и да се залажуваме дека не е така. На тој начин, Македонија ќе излезе и од темниот тунел во кој долго се наоѓа, иако и со своја заслуга.
За крај, мора да прецизираме, и не само формално, дека со членство во Унијата, Македонија дефинитивно ќе се етаблира на меѓународната сцена. Тоа многу години е плански одложувано и организирано спречувано. Така, намерно, државата се држи во маѓепсан круг – како нешто недефинирано и привремено. Во тоа сценарио, Атина и Софија се само алатки во туѓи раце, иако имаат и свои интереси. И само овие факти се доволни за да се сфати тежината на проблемите со кои се соочува денес Македонија, ама и потребата од итна и радикална акција. Ако нѐ бидува, де! Толку. Кој разбра, разбра.

































