Iran's Bushehr nuclear ‌power plant
Фото: ЕПА

Ситуацијата во иранската нуклеарна централа Бушер продолжува да се влошува, а нападите претставуваат директна закана за нуклеарната безбедност, изјави во саботата шефот на руската државна нуклеарна корпорација „Росатом“ по уште еден напад во близина на објектот, пренесе „Ројтерс“.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во петокот соопшти дека Иран ја информирал за уште еден напад во близина на Бушер, трет таков инцидент за 10 дена, без никаква штета на оперативниот реактор и без пријавено ослободување на зрачење.

Руското Министерство за надворешни работи во саботата повика на „недвосмислена и цврста осуда“ на нападот во близина на Бушер.

– Се надеваме дека, со добивање навремени и објективни информации директно од иранските власти за тоа што се случува на терен, генералниот директор на МААЕ ќе може веднаш и недвосмислено да им пренесе едноставна порака на агресорите: „Време е да престанете! – изјави портпаролката Марија Захарова.

Шефот на „Росатом“, Алексеј Лихачев, исто така, изјави дека уште 163 вработени од Бушер се вратиле во Русија по евакуацијата и дека уште две групи ќе бидат евакуирани во наредните денови.