Дали конечно ќе почнеме да го користиме потенцијалот на македонските планини?

Македонија е земја со исклучително богат планински простор, но со децении останува надвор од сериозните развојни политики. Планините најчесто ги гледаме како симбол, како место за викенд-бегство или како туристичка разгледница, но ретко како ресурс што може системски да придонесува за економијата и за локалниот развој. Во услови кога руралните средини се празнат, а урбаните центри се преоптоварени, се наметнува прашањето дали конечно сме подготвени да го искористиме она што го имаме.
Во многу европски земји пешачките и планинарските трансверзали одамна не се третираат како хоби, туку како инфраструктура. Тие создаваат движење низ руралниот простор, носат посетители во помалите места и обезбедуваат континуирана туристичка активност. Кај нас, планинарењето сè уште главно се сведува на индивидуална иницијатива, без јасна врска со локалната економија и долгорочните развојни цели.
Токму тука се отвора просторот за размислување што го наметнуваат иницијативи како Самијана – македонската бесконечна трансверзала. Како концепт, таа не се обидува да создаде уште една „атракција“, туку мрежа што ги поврзува планините, селата и природните и културни локалитети во една целина. Наместо фокус на една точка, се нуди движење низ простор – модел што во пракса се покажал како ефикасен за развој на рурален туризам и локални економии. Овој модел не бара големи инвестиции, туку координација, планирање и препознавање на вредноста што веќе постои на терен.
Особено е значајно тоа што ваквите иницијативи конечно ја внесуваат Македонија на глобалните дигитални мапи на популарни апликации и ГПС-уреди што ги користат странските планинари при планирање на своите авантури. Токму тоа е она што овие планинари го бараат: видливост, точни податоци и сигурност дека се движат по документиран простор. Со ова Македонија веќе не е бела дамка на мапите, а кога една земја е „видлива на мапата“, таа станува реална опција за планирање, а не случајна идеја.
Во тој контекст особено е интересно и тоа што источна Македонија, која е на некој начин маргинализирана од голем дел од домашната планинарска заедница, добива можност да се претвори во поле на интерес за меѓународниот планинарски туризам. Најголем дел од странските хајкери на долги патеки не бараат технички тешки и високи планини, туку патеки што нудат авантура со траење од денови или недели. А токму археолошките локалитети, стари патишта, цркви, манастири и културно-историски слоеви ја збогатуваат патеката со содржина и смисла. За многу пешаци, ваквите маршрути нудат подлабоко искуство од самиот физички предизвик – движење низ простор што раскажува приказна, а не само искачување кон врв. Патеките од типот на Рибарската патека во Португалија или Камино де Сантијаго не се алпски, но се меѓу најпосетуваните пешачки рути во светот.

Прашањето што логично следува е дали ваквите иницијативи можат да излезат од рамките на ентузијазам и волонтерство и да станат дел од институционалната логика. Без поддршка од општините и државата, планинарските патеки остануваат кревки и зависни од поединци. Со поддршка, тие можат да прераснат во јавна инфраструктура што создава вредност – преку мали сместувачки капацитети, локални услуги, пласман на традиционални производи и нови можности за останување во руралните средини.
На крајот, дилемата не е дали македонските планини имаат вредност – тоа е неспорно. Вистинското прашање е дали постои визија тие да се вклучат во развојните политики како активен ресурс, а не како декор. Самијана, како концепт и како процес, го отвора токму тоа прашање и нуди основа врз која може да се гради подолгорочен и поодржлив модел на развој.
Македонската бесконечна трансверзала не е само долга планинарска рута. Таа е прашање поставено пред општеството: дали сме подготвени конечно да ги гледаме планините како развојна можност, а не како заборавен простор на мапата. Да се надеваме дека Македонија ќе ја препознае оваа можност навреме и нема повторно потенцијалот да остане неискористен.
Повеќе информации за целата трансверзала и концептот се достапни на www.sammiana.com

Христијан Трајчевски „Ски Македонија“ (skimacedonia)