фото: Собрание

Македонија е кредибилен сојузник во НАТО и како држава покажавме дека кога е потребно, тука сме да застанеме рамо до рамо со сојузниците – истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.

По отворањето на новата трафостаница „ТС Централна“ во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање, денеска кога се одбележува шест години од членството во НАТО, за тоа дали Македонија е кредибилен сојузник и покрај големата цена што ја плати, Мицкоски забележа дека од државата сè уште се бара да плаќа цена кога треба да се интегрираме во меѓународни организации.

– Па, да, Македонија е кредибилен сојузник и тоа го има покажано и докажано многупати во минатото и доправа ќе го покажуваме и докажуваме. Мислам дека како земја покажавме и докажавме дека тогаш кога е потребно, ние сме тука да застанеме рамо до рамо со нашите сојузници во рамките на НАТО и ценам дека сме побезбедни, постабилни. Точно е, да, вие самите кажавте дека, за жал, плативме голема цена како ниедна држава, како ниедна нација и, за жал, сè уште се бара од нас да се плаќа цена кога треба да се интегрираме во меѓународни организации – рече Мицкоски, пренесе МИА.

Според него, факт е дека сме можеби малобројни, но сме ислучително значајни, особено за овој дел од Европа, па и од светот.