Фото: МЗСПП

Во Скопје, по повод Светски ден на водите, официјално започна процесот на јавни консултации за управување и заштита на водите од сливот на реката Вардар. Во наредните шест месеци, консултациите ќе се спроведуваат во повеќе региони и ќе вклучат граѓани, институции и експерти, со цел дефинирање на идните политики за најзначајниот воден ресурс во државата.

На настанот беше презентиран Времениот извештај за значајни прашања поврзани со управувањето со водите од сливот на Вардар, кој ќе послужи како основа за јавната дебата и за подготовка на првиот шестгодишен План за управување со речниот слив.

– Процесот е отворен за сите засегнати страни затоа што најдобрите решенија произлегуваат од заеднички дијалог. Ова што го започнуваме денес е порака дека управувањето со водите во нашата држава се гради со транспарентност, инклузија и одговорност бидејќи одржливите решенија се создаваат со учество на оние кои најмногу зависат од нив – изјави Муамет Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање.

Времениот извештај ги анализира клучните причини што влијаат врз квалитетот и количината на водите, но и ги дефинира приоритетните цели и мерки за нивно подобро управување. Заклучоците од консултациите ќе бидат искористени за креирање на стратешки документ усогласен со европските стандарди.

– Првпат институциите се вклучуваат во структуриран, национален дијалог за предизвиците поврзани со водата. Тоа претставува силен демократски чекор. Со повикување на граѓаните, институциите и засегнатите страни да се вклучат, земјата ги поставува темелите за подготовка на првиот План за управување со речни сливови усогласен со стандардите на ЕУ, и за имплементација на Рамковната директива за води – истакна Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија.

Настанот се одржа во рамки на Програмата за управување, користење и заштита на води, поддржана од Швајцарија, а реализирана во партнерство со надлежните министерства.

Посебно внимание привлече и уметничкиот перформанс на Шарлот Кин, која преку својот настап ја потенцираше важноста на водата како суштински елемент за животот.

– Водата не е само ресурс, туку и вредност. Водата е сеќавање, движење и живот. Сепак, денес често ја занемаруваме во нашите политики, пазари и технологии. Да не заборавиме да ја почитуваме и негуваме – порача Кин.

Во рамки на настанот се одржа и панел-дискусија посветена на врската меѓу управувањето со водите и родовата еднаквост, како глобална тема на годинашниот Светски ден на водите. Беше заклучено дека жените се повеќе погодени во услови на нестабилно водоснабдување и дека нивното активно учество во донесувањето одлуки е клучно.

Програмата за води има три главни цели – зајакнување на институционалните капацитети, развој на современа законска рамка и подобро планирање и управување со сливот на Вардар. Овој процес треба да постави темели за долгорочно одржливо користење и заштита на водните ресурси во државата.