Фото: Принтскрин

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека секој функционер кој ќе биде поврзан со криминал ќе сноси одговорност, доколку информациите за такво однесување стигнат до него.

Одговарајќи на пратеничко прашање од Халил Снопче во врска со случајот со директорот на Инспекторатот за земјоделство, осомничен за поткуп, Мицкоски посочи дека одговорноста за неговата работа ја бара од граѓаните на избори.

 – Поддршката ја барам на избори. Но, кога станува збор за криминал, секој што ќе биде фатен во такво дејство ќе одговара – рече премиерот.

Тој додаде дека, доколку во изминатите три децении институциите реагирале навреме на вакви случаи, државата немало да се соочува со сегашните проблеми.

Мицкоски ги повика граѓаните кои се жртви на корупција или незаконско однесување од страна на функционери да ги пријават случаите, нагласувајќи дека само така може да се поведат постапки и да следуваат санкции.

 – Не станува збор само за овој случај, туку и за други од минатото. Доколку жртвите пријават и соработуваат во процесот, сите случаи треба да бидат санкционирани – изјави Мицкоски.