Најмалку 40% од рускиот извозен капацитет за нафта е привремено запрен по серија напади со украински беспилотни летала, оштетувања на клучен нафтовод и запленување танкери, покажуваат пресметките на „Ројтерс“ базирани на пазарни податоци.
Ова претставува најголемо нарушување на руското снабдување со нафта во модерната историја. Русија, која е втор најголем извозник на нафта во светот, се соочува со сериозен удар во момент кога глобалните цени надминуваат 100 долари за барел, поттикнати од зголемените геополитички тензии, вклучително и конфликтот со Иран, пишува „Ројтерс“.
Нафтениот сектор е клучен столб на руската економија, вредна околу 2,6 трилиони долари, и значаен извор на приходи за државниот буџет.
Во текот на месецот, Украина ги засили нападите врз руската енергетска инфраструктура, погодувајќи ги трите главни извозни пристаништа: Новоросијск на Црното Море, како и Приморск и Уст-Луга на Балтичкото Море.
Според проценките, околу 2 милиони барели дневно извозен капацитет се надвор од функција. Меѓу погодените инфраструктури е и нафтоводот Дружба, кој транспортира нафта преку Украина до земји како Унгарија и Словачка.































