ДУЕЛ ОРГАНИЗИРАН ОД ШАХОВСКАТА ИНТЕРНЕТ-СТРАНИЦА „ЧЕС“
- Оваа партија многу добро покажува колку може шахот да биде тежок. Понекогаш една грешка може да чини партија, изјави најсилната шахистка во историјата, Полгар
Најсилната шахистка во историјата не покажа милост кон светот, победувајќи 77.000 играчи во дуели на шаховската интернет-страница „Чес“. По само седум потези, унгарската велемајсторка (ВМ) Јудит Полгар веќе имаше јасна предност, до 15. потег партијата практично беше завршена, а 20 потези подоцна следуваше мат.
Членовите на тимот на светот, за кој можеше да се пријави секој низ светот, гласаа за секој потег (а потегот што доби најмногу гласови беше одигран) и секоја страна имаше 24 часа да го одигра својот следен потег. Партијата „Јудит Полгар против светот“ почна на 6 февруари, истиот ден кога нејзиниот документарен филм „Кралицата на шахот“ премиерно беше прикажан на „Нетфликс“, и брзо се претвори во еднострана лекција за почетна игра и техника на напад.
Унгарската легенда изгради силна предност од почетната позиција, казни клучна стратешка грешка, а потоа жртвуваше коњ за да стигне до победничка позиција. Во 27. потег, партијата заврши со мат.
– Оваа партија многу добро покажува колку може шахот да биде тежок. Понекогаш една грешка може да чини партија. И ова е тоа што се случи со светот, за жал – изјави Полгар за „Чес“.
Полгар беше четвртата шаховска ѕвезда што се соочи со глобалната заедница на „Чес“ во серија инспирирана од историскиот натпревар на ВМ Гари Каспаров против светот во 1999 година, во кој учествуваа повеќе од 50.000 учесници. Тој рекорд траеше 25 години, сѐ додека индиската легенда, ВМ Вишванатан Ананд не победи речиси 70.000 противници во „Виши против светот“. Тој рекорд траеше само шест месеци, оти норвешкиот ВМ Магнус Карлсен одигра реми со 143.564 противници во „Магнус против светот“ во мај лани. Последниот што го собори рекордот е интернационалниот мајстор (ИМ) Леви Розман, попознат како Готам Чес, кој матира повеќе од 225.000 играчи.
Овој пат, повеќе од 77.000 играчи ги здружија силите да се тестираат против еден од најголемите и највлијателни играчи во историјата на шахот. Наместо тоа, тие добија лекција од прва рака за тоа зошто Полгар останува една од најомилените и најпочитувани легенди во играта, повеќе од една деценија откако се повлече од шахот, пишува „Чес“. Г.И.
































