Во Скопје денеска свечено беше промовирана Швајцарската комора на Македонија – СвисЧам МК, нова платформа насочена кон унапредување на економската соработка, инвестициите и деловното вмрежување меѓу Македонија и Швајцарија.
Комората е резултат на повеќегодишна иницијатива на водечки компании, со поддршка од Амбасада на Швајцарија во Македонија, со цел создавање стабилна деловна заедница базирана на доверба, квалитет и транспарентност.
Швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер истакна дека двете земји веќе имаат силни економски врски, но преку оваа иницијатива тие ќе се претворат во конкретни партнерства и нови можности за раст.
– Преку оваа комора создаваме платформа што ќе го претвори постоечкиот интерес во реални деловни соработки – нагласи Зомер.
Претседателката на СвисЧам МК, Соња Стефановска, посочи дека комората ќе биде „мост на доверба“ меѓу бизнисите, институциите и луѓето, градејќи партнерства засновани на интегритет и прецизност.
На настанот се обрати и заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски, кој оцени дека новата комора ќе придонесе за подобра комуникација, поддршка на деловни иницијативи и развој на заеднички проекти.
– Владата останува посветена на поддршка на иницијативи што ја зајакнуваат економската дипломатија и отвораат нови перспективи за компаниите – истакна Димитровски.
СвисЧам МК ќе функционира како платформа за размена на знаења, пренос на швајцарски деловни практики и поттикнување на инвестиции, со цел зголемување на конкурентноста и одржливиот економски развој во земјата.


































