Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводени од шефот на мисијата во земјава, Ник Гигинеишвили.
На средбата се разговарало за актуелните економски состојби, како и за идните планови на Министерството во делот на интеграцијата со европскиот енергетски пазар. Божиновска ги информирала претставниците на ММФ за активностите за усогласување со европските стандарди, при што посебен акцент ставила на енергетската ефикасност.
– Се работи на исполнување на обврските за реконструкција на најмалку 3% од вкупната површина на јавните згради годишно, што ќе придонесе за намалување на потрошувачката на енергија – посочи министерката.
Во однос на цените на горивата, Божиновска истакнала дека Владата презема мерки за спречување на ценовни шокови и нагласила дека Македонија во моментов има најниски цени на горивата во регионот. Таа додала дека ќе продолжат активностите за заштита на стандардот на граѓаните.
Меѓу мерките се издвојуваат субвенции за електрична енергија и поддршка за набавка на клима уреди, насочени кон ранливите категории.
Претставниците на ММФ ја поздравиле заложбата на Владата и Министерството за спроведување на реформите, со цел обезбедување сигурен и модерен електроенергетски систем.
Од Министерството најавуваат дека ќе продолжат со политики насочени кон енергетска независност, одржлив развој и забрзување на зелената транзиција.
































