Претседателот на Владата Христијан Мицкоски изјави дека Владата работи со максимален ангажман, но посочи дека кај одредени поединци постојат забелешки и најави дека тие ќе бидат сменети доколку не го подобрат својот учинок.
– Ние кажувавме, состојбата е тешка. Ние не сме чудотворци да ветуваме чуда. Тоа јавно на митинзи сум го зборувал. Тој што ви ветува чуда не ја говори вистината, но дека ќе дадеме се од себе, тоа да бидете сигурни. Јас се будам и заспивам со таа една мисла, дали даваме се од себе, дали сите даваат се од себе. Кај поединци имам дилема, имам задршка. И кај тие што имам дилема и задршка ги опоменувам дека имам чувство дека можат повеќе да дадат – потенцираше Мицкоски во интервју на ТВ Алфа.
Тој нагласи дека актуелната генерација политичари нема простор за грешки и импровизации, туку мора да работи интензивно за да се постигне стабилизација.
– Ние немаме право на реприза. Едноставно нема повеќе простор. Оваа генерација нема повеќе простор за импровизации и за репризи. Мора офанзивно и мора да се испорачува и мора да се даде повеќе од што можеме за да дојдеме до состојба на консолидирање. Ако е природно да се работи 5 дена во неделата по 8 часа, сега ќе се работи 7 дена во неделата по 12, 13, 14 часа. Тоа е начинот на којшто мора да функционира оваа Влада. И тогаш кога народот ќе види дека вие го оставате срцето на терен, тогаш ќе ви прости се, ќе рече се трудат, секоја чест. Ако видат дека вие се однесувате надмено, не одговарате на пораки кога ќе ви пратат, колку и тие пораки да ве оптеретуваат, колку и тие пораки за вас се бесмислени, ако вие не им вратите, не посветите внимание, не се поздравите, не стегнете рака на улица, тоа нема да ви го простат никогаш – нагласи Мицкоски.
На прашањето дали има конкретни имиња за кои има резерви во контекст на најавената реконструкција, премиерот потврди дека такви постојат, и тоа не само во Владата, туку и во институциите.
– Имам да, точно и како што кажав тоа сум го кажувал лично. Не зборувам само во рамките на Владата туку и во рамките на институциите коишто се дел од Владата, затоа што мислам дека поединци не се вложуваат доволно или пак се однесуваат несоодветно на тоа што треба да се однесуваат – рече премиерот.
































