JD Vance
Фото: ЕПА

Иран преку неформални канали ѝ сигнализирал на администрацијата на Доналд Трамп дека би претпочитал да води разговори со американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, наместо со други високи претставници, објави „Си-eн-eн“, повикувајќи се на регионални извори.

Според извештајот, иранските претставници изразиле неподготвеност повторно да соработуваат со специјалниот пратеник Стив Виткоф и советникот Џаред Кушнер, наведувајќи „недостаток на доверба“ поради тоа што претходните контакти завршиле со воена ескалација меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга.

Изворите посочуваат дека во Техеран Венс се перцепира како поотворен за завршување на конфликтот, со очекување дека би можел да придонесе за негово затворање. Сепак, како што се наведува, конечната одлука за тоа кој ќе преговара ќе ја донесе Вашингтон.

Во извештајот се споменува и можност за средба во Исламабад подоцна оваа недела, иако изворите изразуваат сомнеж дека таа навистина ќе се реализира.

Претходно, Трамп изјави дека САД „во моментов се во преговори“ со Иран, додавајќи дека покрај Венс, во дипломатските напори се вклучени и државниот секретар Марко Рубио, како и Виткоф и Кушнер.

Во меѓувреме, Вашингтон му доставил на Техеран мировен план од 15 точки преку Пакистан, кој ги опфаќа нуклеарната и ракетната програма на Иран, како и безбедноста во Ормутски теснец.

Иранските власти потврдуваат дека добиле пораки од „пријателски земји“ со повик за преговори, но негираат дека има директни разговори со САД.

Тензиите меѓу страните остануваат високи откако од 28 февруари САД и Израел спроведуваат воздушни напади врз Иран, при што загинале повеќе од 1.340 луѓе. Техеран возвратил со ракетни и дронски напади кон Израел и цели во регионот, вклучително и Јордан, Ирак и земјите од Заливот, што дополнително ја влоши безбедносната состојба и предизвика нарушувања на глобалните пазари и воздушниот сообраќај.