На македонската книжевна сцена постојат автори што со својата острина и духовитост успеваат да ја разголат стварноста подобро од секоја анализа. Ленче Стоименова е токму таков глас – писателка, сатиричарка и афористичарка што со кратки, но силни зборови ја претвора секојдневната реалност во огледало на општеството. Родена во Кочани, таа повеќе од четири децении е присутна во културниот живот, со дела што се движат од афоризми и сатирично-хумористични текстови, до драми за деца и возрасни, поезија и карикатури. Нејзините афоризми се преведувани на повеќе јазици, објавувани во антологии и наградувани на меѓународни фестивали. Стоименова е препознатлива по способноста да ја спои иронијата со болната вистина, да ја претвори критиката во уметност и да ја направи сатирата мост меѓу народната духовитост и современата книжевност. Со над триесет награди и признанија зад себе, таа е еден од најсилните женски гласови во македонската сатирична традиција. Интервјуто со Ленче Стоименова е можност да се открие нејзиниот творечки свет, да се почувствува силата на афоризмот како оружје против апатијата и да се разбере како хуморот може да биде најсериозната форма на критика.
Кога и како откривте дека афоризмите и сатиричниот израз се Вашиот природен медиум?
Многу рано. За едно дете и прерано. Татко ми беше многу весел човек. Постојано беше насмеан и никогаш не се жалеше на ништо. Така функционираше. Секојдневно изговараше мудри реченици, за секоја ситуација. Немаше книга за да научи од неа, си ги изговараше како што му доаѓаа, од срцето, од душата. Ние како деца имавме енциклопедија што немаше последна страница. Постојано се дополнуваше. Тоа беше мое поле на интерес, и да не сакав, ги учев, па и јас самата многу рано почнав да ги практикувам, не знаејќи дека тие ќе бидат составен дел од моето секојдневие целиот живот. Сестрите и братчето само ги слушаа. И тие ја разбираат сатирата, но никој од нив не ја стави толку длабоко во срцето како мене.
Дали постоеше некој автор или настан што силно влијаеше врз Вашиот творечки пат?
Софе Штерјовски беше тој. Имавме радио на батерии и програмата на Радио Скопје се следеше максимално. Секојдневно. Песни, вести, радиодрами, приказни со Борис Мајсторов и понекој афоризам од Софе Штерјовски. Афоризмите веднаш влегуваа во мојата меморија. Името не ми значеше толку, не го познавам, но мудрите реченици ме одушевуваа. Сѐ уште не знаев што се и какви се тие кратки реченици. Само знаев дека се интересни, а многу слични на оние од „работилницата“ на татко ми Мите. До осмолетка имав солиден број во една тетратка. Се полнеа листовите во Ученичкото катче во нашето училиште „Маршал Тито“, сега „Крсте П. Мисирков“, во нас. Оризари, Кочани. Можеби и денес ќе пронајдам некоја рамка со такви реченици, сместена во тишина во некоја длабока фиока. Можеби?
Некаде во осумдесеттите години на минатиот век првпат влегов лично во „Остен“, единствениот весник за хумор, сатира и карикатура во Македонија. Соработував некое време со него и носам неповторливо убави чувства од таа соработка. Објавуваа и чесно плаќаа. Ги запознав Димитар Чудо, Васил Толевски, Владо Јоциќ, Ане Василевски, Сунчица Божиновска-Цицолина, Ристо Филчевски, Глигор Костовски и други, со кои се сретнав малку подоцна. Од ова време, па сѐ до денес и продолжува, најблиски ми се афоризмите на Васил Толевски. Секој афоризам, бисер. Таков е. И како човек и карактер е уникатен, без трошка непотребности. Му помага на секој што ќе побара совет од него, за теми, рецензии за книги или што било. Според мене, најдобар од сите. Неговите афоризми се јасни, кратки и лесно се учат. Остроумни и прецизни. Тој е еден од уредниците на „Балканиум“, исто за сатира, хумор, карикатура, афоризам. На почетокот како електронско списание, а подоцна и печатено. Со списанието соработуваат голем број афористичари од Македонија, поранешна Југославија, Балканот и пошироко. Да завршам, сум имала немерлива среќа да соработувам и да учам од најдобрите.
Афоризми и сатира. Што претставува за Вас афоризмот – кратка мисла, оружје против апсурдите или форма на уметничка слобода?
Афоризмот се пронаоѓа во секоја од овие категории. Тој е кратка мисла, зрак светлина, остроумен момент. Да напишеш кратко, а да кажеш многу. Тој е толку краток зашто има многу материјал „меѓу редови“. Од еден афоризам, мудриот може да напише цел роман. Тој е оружје против апсурдите, забележува, критикува, укажува на неправилности, недостатоци, па може и глупости, како ништо друго. Кој разбере, разбере. И форма на уметничка слобода е. Може да не каже директно, ама индиректно се чувствува за што станува збор. Ќе дадам еден пример: „Има поместување, нема движење“, вториот дел всушност потврдува колку е големо поместувањето. Ако нема движење, поместувањето најверојатно никој нема ниту да го забележи, но некој сепак ќе се потруди да нѐ убеди во поместувањето, кое всушност – не постои.
Како се раѓа еден афоризам кај Вас – од набљудување, од лична емоција или од општествена реакција?
Јас лично го пронаоѓам афоризмот насекаде околу мене и постојано. Ретко може да ми избега. Само доколку немам лист хартија и пенкало до мене. Тоа ретко се случува. Ако не се запише, толку брзо лета и си оди што понекогаш ќе се врати, ама многу често – никогаш. Среќа, доаѓаат нови: од секојдневното живеење, од нашите дневни чувства, а најмногу од општествена реакција, момент или конкретен настан. И овде ќе наведам еден мој афоризам: „Сѐ додека имаме вакво општество, за сатирата ќе нема зима. Ќе живее како бубрег во лој“ или „Кога сатирата добро се храни, народот ќе го крка стапот“. Кога општеството е здраво, сатирата се суши и обратно. Нема кој да ја потхранува.
Дали сметате дека сатирата денес има истата сила и општествена улога како во минатото?
Сатирата ја има таа моќ да укажува на недостатоците, но нема моќ да ги решава. Решението е на други места од каде што сите очекуваат да се реши, ама тешко се решава или проблемот тлее со години без решение. Многу години таа како лав рика, но најверојатно нема слушатели од спротивната страна. Затоа сме на тоа ниво, на кое што сме. Некогаш можела да промени нешто, но тоа се случува кога општеството е здраво. Доколку се укаже на проблемот (недостатокот), тој проблем се решава. Во демократски општества најчесто се случува како онаа со трите мајмуни: не видов, не слушнав, не знам. Ми се чини дека сатирата е на лизгав терен. Не може да фати „панџа“ со состојбите во кои живееме. Но таа никогаш нема да се предаде. Ќе живее. („Би се фатила и јас цврсто за сатирата, ама се плашам од секирата“.)
Творечки спектар. Пишувате драми за деца и возрасни, поезија, проза, скечеви, па дури и карикатури. Како успевате да ги споите овие различни жанрови? Кој жанр Ви е најблизок и зошто?
Кога првпат ја запознав Сунчица Божиновска-Цицолина, наша реномирана и остварена карикатуристка, таа ми го кажа следното: „Оној што пишува афоризми може да пишува што ќе посака и ќе го прави тоа со леснотија“. Афоризмот се смета за најтешка форма (жанр) за пишување. Затоа афористичарите се во помал број. Од младите генерации има уште помалку. Постарите, кои ја одржуваат сатирата жива, во најголем број се пензионери.
Поезијата, прозата, кратките скечеви и публицистиката отсекогаш ми оделе лесно. Кратките скечеви ми влегоа под кожа некаде во осумдесеттите години на минатиот век. Не се наоѓаше лесно работа, државните организации се затворија и се приватизираа. Истото тоа се случи и со нашиот „Атом“ од Кочани. Останав без работа. Сопругот ми купи професионална камера „панасоник“ и почнав да снимам родендени, училишни приредби, разни забави, па дури и свадби. Имам бројка од над 100 снимени свадби. Љупчо Цветановски и Цветанка Илиева дојдоа во нашиот дом да снимаат прилог како една жена сама направила спот за песна. Тогаш тој рече дека слушнал за една жена камерман во ТВ Загреб, но кај нас во Македонија за такво нешто не слушнал. Ти си првата жена камерман кај нас, ми рече. Затоа си интересна. И да имало, тие ќе знаеја, во Македонската телевизија работеа.
Најмногу на родендените имаше интересни случки. Деца, искрени, наивни, возбудени. Паѓаа врз тортата, кршеа чаши не сакајќи. Тие се мојата слабост и моја инспирација. Модерното време донесе и стендап-комедии. Гледаш, учиш…, па и сам почнуваш. Напишав десетина драми, од кои две се играа во НУЦК „Бели мугри“ во Кочани. Од бројот на посетители на истите тие можам да бидам и повеќе од задоволна.
Афоризмот и карикатурата. Кажав дека со афоризмот, така кажи, сум задоена. Тој е карикатура искажана со зборови, додека пак карикатурата е афоризам искажан преку цртеж. И едното и другото укажуваат на некаков недостаток. Најчесто и на едното и на другото консументите се смеат. Секој сатиричар би рекол дека е, за плачење. Среќа што мошне добро цртам, па со леснотија го преточувам афоризмот во слика или сликата во реченица. И да ви кажам, драги мои, уживам апсолутно максимално. Една моја карикатура од 2017 година, но и денес е исто: Глувците се насочиле на сирењето што им се ветува „и раком и шаком“, па не ја забележуваат стапицата поставена за нив.
Како изгледа Вашиот творечки процес – имате дисциплина и рутина или пишувате спонтано?
Дисциплина имам. Таа мора да биде двигател на секој успех. Тоа не значи дека ја „сечам“ секундата, тоа значи дека сериозно и посветено ѝ пристапувам на работата, и тоа на секоја работа. Идеја, дисциплина, работа, успех. Тоа е патот на кој нема промашување. Дури и да има, минимално е.
Кога една работа со мерак и љубов се работи, таа станува секојдневие. Кога ќе стане секојдневие, таа станува и рутина. Ја работиш и без да размислуваш премногу и на крајот забележуваш дека ја работиш за пократко време, а со подобар квалитет. На крајот грешките исчезнуваат, квалитетот е задоволителен, а има помалку потрошено време. Така се случи и со моите афоризми. Некогаш ќе напишев малку за една недела, некогаш многу повеќе за еден ден. Се случува и толку многу да „дотечат“ што е тешко сите да ги уловиш. Но ќе нагласам дека: ден без ниту еден нов афоризам речиси и да не постои. Зашто понекогаш толку многу доаѓаат, а некогаш помалку не можев да откријам. Се случува дури и кога мислам дека „морето е мирно“ и нема инспирација за такво нешто, баш тогаш долетуваат од сите страни. Како и да е, сѐ додека ми доаѓаат на гости, со радост врата ќе им отворам и со нив ќе другарувам. Ќе живеам.
Соработки и фестивали. Какво значење имаше за Вас соработката со „Остен“ и со другите списанија за хумор и сатира?
Веќе кажав погоре дека „Остен“ е моја отскочна штица. Без него немаше да постигнам многу. Тој ми отвори врати и нови видици. Афоризмот го усовршив, а карикатурата ја засакав. И за едното и за другото е „Остен“ и никој друг. Штета што повеќе го нема како печатено издание. Лично за мене, тој ми го подобри и здравјето. Додека читав се смеев, се забавував и имав секогаш позитивно чувство. Па, нели тоа се предуслови за убаво расположение и добро здравје?
Какво искуство носите од учествата на фестивалите „Сатира фест“ и „Жаока“ во Србија?
Сум учествувала на нашите фестивали за хумор, сатира и карикатура, но учеството на „Сатира фест“ во Белград е посебно доживување. Голем град, многубројна публика што знае да цени и да препознае квалитет. Тука се запознаваш со големи имиња од оваа област, наши, а некои и светски познати: Слободан Симиќ, Александар Чотриќ, Витомир Теофиловиќ, Миодраг Стошиќ, Горан Радосављевиќ, Нинус Несторовиќ, Душан Пуача, Милко Стојковиќ, Станислав Томиќ, Миленко Миро Шарац и многу други.
На овој фестивал имав забележителен настап со силен аплауз, по кој еден од најдобрите сатиричари со светски глас, г. Александар Чотриќ, призна: „Била си најбоља. Наступ, држање, презентација. Све“. Овде ќе му се заблагодарам најискрено.
„Не купувам месо. Така штедам на чачкалици“.
Фестивалот „Жаока“ во Качарево (Србија) беше уште едно пријатно искуство. Жаока во превод значи: жегла (онаа боцка со која осите и стршлените го испуштаат отровот). И таму имав настап за паметење. Многу е пријатно е кога сите сатиричари, учесници на фестивалот, спонтано ќе застанат и по ред ќе ти честитаат: „Браво!“ Таквото признание од колегите многу е значајно и многу вредно. Поттик за понатаму.
По ова следуваше фестивалот „Крива Дрина“ во Зворник, Босна и Херцеговина. Интересен фестивал, малку поинаку организиран. Првата награда „Златна вијуга“ ја доделува присутната публика. Секој од нив има ливче со сите учесници и секој го заокружува оној што оставил најдобар впечаток. Тука имаше навистина големи имиња, покрај кои, искрено ќе кажам, не се надевав воопшто на награда. Самото учество меѓу нив, за мене беше награда. Сепак се случи публиката да гласа и во моите раце да дојде големата прва награда „Златна вијуга“. Кога публиката гласа, никогаш не греши, вели една стара изрека. Дури и да греши, пак е во право.
Последно за 2025 година беше учеството на фестивалот „Вуко Безаревиќ“ во Пљевља, Црна Гора. Нови импресии, нови пријателства, нови видици, нови отворени врати. На овој фестивал, афористичната вечер се одржа како ревијална. Немаше натпреварувачки карактер. Се прочитаа многу квалитетни афоризми од поголем број автори. И од Пљевља носам преубави спомени. Ќе спомнам дека сите овие се меѓународни фестивали и голема чест ми беше што бев претставник од Македонија.
„Најопасни се коњите излезени од магарешка клупа“.
„Кој лаже тој и краде. Се очекува еден ден да стане министер“.
Дали сметате дека регионалната сцена на хумор и сатира е доволно поврзана?
Мислам дека е. Постојат фестивали кај нас, во Србија, Босна, Црна Гора, Хрватска. На сите има наш претставник, еден или повеќе. Исто така и на нашите фестивали доаѓаат од други земји. Си разменуваме искуства, си помагаме едни со други. Постојат и афористичари ентузијасти, кои изготвуваат антологии во кои учествуваат афористичари од сите спомнати земји. Сами изнаоѓаат средства за печатење. Тоа е макотрпна работа, но љубовта кон афоризмот е толку голема што го сметаат тоа за задоволство. Додека е вака, овој жанр ќе живее и ќе има иднина. Ќе ја спомнам овде „Друга књига мојих пријатеља“ – Милан Пантиќ, во која се застапени 116 автори. Има и други, но оваа е последна за 2025 година.
Како посебна нишка што ги поврзува афористичарите од регионот е „Балканиум“, кој излегува еднаш месечно и е македонско електронско издание, нешто и печатено. Го читаме благодарение на уредниците г. Јордан Ѓорчев и г. Васил Толевски и други помагатели.
Лична визија и иднина. Што е за Вас најголемата награда од пишувањето – реакцијата на публиката, личното задоволство или нешто трето?
Не сум слушнала некој од пишување афоризми или книги да се збогатил. Но доколку ја тргнеме настрана материјалната страна, има задоволство што може да се мери во тони. Токму тоа е она што ги одржува авторите со години свежи во мислата и горливи во творењето. Личното задоволство на секој поединец и за мене е големо. Самото изнаоѓање, пишувањето, ставањето во книга, заедничките средби, фестивалите, сето тоа носи задоволство само по себе. Сепак, најголемо задоволство, кое е неспоредливо и немерливо со ништо, се реакцијата и аплаузот од публиката. Тој повратен ефект е толку позитивен што ти дава вредност, потврда дека си добар и претставува гаранција да продолжиш и понатаму. Без неа нема ништо, колку и да мислиш дека било квалитетно сработено. Авторот и публиката се една вага, две страни.
Како гледате на иднината на македонската сатира и афоризам?
Афоризмот и сатирата се хранат на дневна основа. Во моментот во кој живееме, ќе има причина за добро секојдневие на истите тие. Колку еден простор е посиромашен и обесправен, толку повеќе има шанси да потрае. Бидејќи мерите не се локални, но сѐ повеќе глобални, се чини дека и глобално сатирата ќе ја биде, за жал. Имајќи предвид дека надежта последна умира, да се надеваме на подобри времиња, посветли утра, правда и подобра иднина, за нас и идните генерации.
Кои се Вашите планови – нова книга, нова драма, можеби изложба на карикатури?
Нова книга – да. Сакав да биде тајна уште некое време, но ќе бидам искрена како и со секој одговор на претходните прашања. Ќе биде убава книга – дебела. Дебела и убава, не оди заедно, но овде може да биде така. Има уште работа, не е готово, но треба да биде. Само здравје. За драма, чекам инспирација. За изложба на карикатури, можно е. Скопје ме чека, поканата е отворена. Ако се одвива според планот, можно е и оваа пролет.

































