Иран ги прекина испораките на природен гас за Турција, откако Израел минатата недела го нападна гасното поле Јужен Парс, објави Блумберг, повикувајќи се на извори.
Минатата година Иран учествувал со околу 14 проценти во вкупните испораки на природен гас за Турција.
Според истите извори, Турција во моментов продолжува да увезува гас од Русија и Азербејџан, а располага и со сопствени резерви. Засега не е познато кога ќе бидат обновени испораките од Иран, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
На 18 март, локалните власти во иранската покраина Бушер соопштија дека избувнал пожар во неколку објекти на полето Јужен Парс, како последица на напади од Израел и САД.
Како одговор, Корпусот на Исламската револуционерна гарда најави можни напади врз нафтени и гасни постројки во Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати и Катар.
Во меѓувреме, компанијата Катар Енерџи соопшти дека нивниот објект Рас Лафан бил погоден од ракета, што предизвикало пожар. Катарското Министерство за одбрана информираше дека нападот бил извршен со балистичка ракета лансирана од Иран.
Компанијата дополнително наведе дека по полноќ на 19 март, истата инфраструктура повторно била цел на ракетен напад, при што избувнал уште еден голем пожар.
































