Фото:Пиксабеј/Илустрација

Војната во Иран ги зголеми трошоците, ја еродираше довербата и го забави растот на производството кај компаниите во Европа и Обединетото Кралство, покажуваат новите податоци од бизнис анкетите.

Раниот увид во глобалното влијание на конфликтот врз економиите доаѓа од најновите податоци од Индексот на менаџерите за набавки (PMI), што се темели на анкети меѓу директорите во производствениот и услужниот сектор.

– Војната на Блискиот Исток ја погоди економијата на Велика Британија во март, запирајќи го растот на производството и во исто време давајќи силен поттик на инфлацијата“, рече Крис Вилијамсон, виш економист во „С&П Глобал“ (S&P Global), што ги собира податоците за ПМИ (PMI).

Вилијамсон додаде дека целосниот ефект врз инфлацијата и економскиот раст ќе зависи од времетраењето на војната и должината на прекините на енергетските пазари и поморскиот сообраќај.

Војната, исто така, имаше исклучително негативен ефект врз економијата на Еврозоната. Растот на производството во 21 земја што го користат еврото во март „забави речиси до стагнација“, главно поради падот на деловната доверба, рече Вилијамсон.

– Трошоците на компаниите растат со најбрзо темпо во последните повеќе од три години поради порастот на цените на енергијата и нарушувањата во синџирите на снабдување предизвикани од војната – рече тој во посебен извештај.

Податоците, додава тој, „вклучуваат аларм за стагфлација во еврозоната“, односно ситуација во која економијата стагнира додека инфлацијата расте. Во такви околности, платите честопати не го следат растот на цените, а централните банки реагираат со зголемување на каматните стапки, што врши дополнителен притисок врз економската активност.

Истражувањата покажуваат дека почетните вредности на PMI во Обединетото Кралство и Еврозоната се сè уште над нивото од 50 поени, што укажува на раст на активноста, но тие нагло паднаа во споредба со претходниот месец, на најниските нивоа за шест, односно десет месеци, пренесува МИА.