Фото: Официјален фејсбук профил на Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека главен приоритет за Украина е обезбедување безбедносни гаранции кои ќе помогнат во завршувањето на војната, пренесува Reuters.

Зеленски на социјалната мрежа „X“ соопшти дека детално разговарал со своите соработници за резултатите од состаноците одржани во САД, вклучително и разговорите во Флорида, при што биле разгледани клучните точки, можностите и предизвиците.

– Најважната задача е да се развијат безбедносни гаранции на начин што ќе нè доближи до завршување на војната. Безбедноста е клучот за мирот – истакна Зеленски.

Тој посочи дека во исто време Русија започнала нов бран напади со беспилотни летала „Шахед“ врз украинска територија, што дополнително ја усложнува ситуацијата.

Украинскиот претседател оцени дека глобалната безбедносна состојба е дополнително комплицирана и поради случувањата на Блискиот Исток, додавајќи дека тоа, според него, ја охрабрува Русија.

Зеленски ја обвини Москва дека обезбедува разузнавачка поддршка за Иран, што, како што наведе, придонесува за продолжување на конфликтите.

Според него, заканата од долготрајни војни може да се спречи само преку заедничко дејствување на САД, Европа и другите глобални партнери.

Тој додаде дека состаноците на највисоко ниво се неопходни за решавање на клучните прашања и најави дека украинскиот тим ќе продолжи со интензивна работа со партнерите, со цел постигнување конкретни резултати, вклучително и решавање на хуманитарни прашања како што е размена на затвореници.