АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
- Денеска ќе се решава за титулите во слалом за скијачи и во генерален пласман за скијачки
Лукас Пињеиро Бротен од Бразил е освојувач на титулата во велеслалом во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, откако триумфира на последната трка сезонава, во Лилехамер (Норвешка), а ланскиот победник и досегашен лидер во таа дисциплина Марко Одермат (Швајцарија) не ја заврши првата трка и го освои второто место во велеслалом во СК сезонава. За Бротен тоа е втор мал кристален глобус, откако победи во слалом, во Светскиот куп во 2023 година, тогаш натпреварувајќи се за Норвешка.
Така, во машка конкуренција за сезонава остана денеска да се додели уште кристалниот глобус во слалом (во конкуренција се Атле Ли Меграт од Норвешка, Бротен, Клемен Ноел од Франција и Хенрик Кристоферсен од Норвешка).
Другите трофеи сезонава во Светскиот куп ги освои Одермат, и тоа во големиот кристален глобус во генерален пласман (петти пат по ред) и малите кристални глобуси во спуст (третпат) и во супервелеслалом (четврти пат). Одермат има и четири титули во велеслалом, од 2022 до 2025 година.
Во женска конкуренција, во вчерашниот слалом во Лилехамер победи Микаела Шифрин (САД), за која тоа е 110. победа во кариерата. Денеска со велеслаломската трка ќе се решава кој ќе го освои големиот кристален глобус, за триумф во генералниот пласман во Светскиот куп сезонава. Во игра за титулата се две скијачки. Шифрин води со 85 бода предност пред Ема Ајхер (Германија).
Другите титули сезонава во Светскиот куп ги освоија Шифрин во слалом (деветти пат, претходно и во 2013, 2014, 2015, 2017, 2018, 2019, 2023 и во 2024 година), Јулија Шајб (Австрија) во велеслалом, Лаура Пировано (Италија) во спуст и Софија Гоџа (Италија) во супервелеслалом (има и четири трофеи во спуст, во 2018, 2021, 2022 и во 2023 година). Н.М.































