ФУДБАЛ
- Годинава првпат на светско фудбалско првенство ќе играат Узбекистан, Јордан, Зелено`ртската Република и Курасао, а преку плејофот може да се пласираат уште пет репрезентации дебитанти
На секое светско првенство (СП) досега имало барем една репрезентација дебитант, на претстојниот шампионат ќе има најмалку четири селекции што првпат ќе играат на фудбалските мундијали, а македонската репрезентација е меѓу петте други потенцијални дебитанти на СП 2026, кое, пак, може да има вкупно девет дебитанти, меѓу 48-те земји учеснички.
Македонија утре гостува кај Данска (20.45 часот), во полуфиналето на патеката Д во европскиот плејоф за пласман на Светското првенство во САД, Мексико и во Канада. Победникот на тој натпревар во вторник ќе игра во финалето, на гости, кај победникот на средбата Чешка – Република Ирска. Победникот на тоа финале ќе настапи на годинашниот планетарен фудбалски шампионат, во групата А, со Мексико, Јужна Кореја и со Јужна Африка.
Дебитанти на 23. Светско првенство ќе бидат репрезентациите на Узбекистан, Јордан, Зелено`ртската Република и Курасао. Преку доигрувањето, пак, може да се пласираат уште пет репрезентации дебитанти, и тоа Македонија, Албанија и Косово преку плејофот во Европа, како и Нова Каледонија (во квалификациите играше во зоната Океанија) и Суринам (зона КОНКАКАФ) низ Интерконтиненталниот плејоф, кој од утре ќе се игра во Мексико.
Од дебитантите на СП 2026, Курасао ќе настапи во групата Е, во која се Германија, Брегот на Слоновата Коска и Еквадор. Зелено`ртската Република ќе игра во групата Х со Шпанија, Саудиска Арабија и со Уругвај. Јордан ќе се натпреварува во групата Ј, заедно со Аргентина, Алжир и со Австрија. Узбекистан е во групата К со Португалија и со Колумбија, како и со победникот на Интерконтиненталниот плејоф 1, во кој се Нова Каледонија, Јамајка и ДР Конго.
Откако се воведени плејоф-дуели во Европа за пласман на светските шампионати, деби на мундијалите обезбедија неколку репрезентации, како на пример Хрватска на СП 1998, Словенија на СП 2002… Н.М.
ДОИГРУВАЊЕ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2026
ЕВРОПА
Патека А
Велс – БиХ утре, 20.45 ч.
Италија – Северна Ирска утре, 20.45 ч.
Патека Б
Украина – Шведска утре, 20.45 ч.
Полска – Албанија утре, 20.45 ч.
Патека Ц
Турција – Романија утре, 18 ч.
Словачка – Косово утре, 20.45 ч.
Патека Д
Данска – Македонија утре, 20.45 ч.
Чешка – Република Ирска утре, 20.45 ч.
Финалињата се во вторник
ИНТЕРКОНТИНЕНТАЛЕН ПЛЕЈОФ
Патека 1
Нова Каледонија – Јамајка петок, 4 ч.
победникот ќе игра со ДР Конго
Патека 2
Боливија – Суринам утре, 23 ч.
победникот ќе игра со Ирак































