Во солидното опсежно истражување на источноевропскиот и средноевропскиот филм „Кинематографијата на другата Европа“, авторката Дина Јорданова посветува и две куси поглавја кон ромската тема во филмската уметност во овој регион, насловени „Ромите: малку познатите соседи“ и „Малцински групи“. На балканската филмска продукција инспирирана од ромскиот свет во оваа книга не ѝ се посветува одделно внимание, но затоа, во една прибелешка се наоѓаат интересни податоци што можат да се проанализираат – на пример, „Дом за бесење“ на Кустурица е снимен во 1989 г., десет години по „Дае“ на Попов, а во него, освен истата локација, ромското живеалиште на брегот на Вардар, се совпаднати некои од клучните „водни“ сцени во Кустуричиниот филм со еротската исцелителност на реката што тече, кои како да се инспирирани од филмот на Попов, снимени пред една деценија.
***
Впечатливи ромски ликови се присутни во книжевноста, од романтизмот па наваму – во низа романи (од Игоовата „Богородична црква во Париз“, преку „Орканските височини“ на Емили Бронте, до „Сто години самотија“ на Маркес), новели (од „Кармен“ на Мериме до „Макар Чудра“ кај Горки), драми („Коштана“ на Станковиќ) поезија (од „Циганите“ на Пушкин до андалузиската лирика на Лорка). Прозните дела продолжуваат да живеат низ многубројни филмски адаптации и приспособувања (како и низ оперското ремек-дело на Бизе): улогата на Хитклиф, во различни варијанти, од неодменливото, незаборавно толкување на сер Лоренс Оливие во филмот на Вилијем Вајлер (1939), па преку низа значајни актерски совпаднатости во интерпретациите на Тимоти Далтон, Ралф Фајнс, Џејмс Хаусон…, ликот на Есмералда е мјузикализиран, анимиран и продуциран… трагичната двојка Рада и Лојко Зобар од новелата на Горки, преку опивачките напеви на Евгениј Дога, филмски се сценира во „Циганите летаат на небо“ на Емил Лотјану. Несомнениот удел на музиката во градењето на ромската сензуална нескротливост станува своевиден заштитен знак на филмот: „Шано душо, Шано мори“, „Џелем, џелем“, „Gipsy song“ на Влатко Стефановски… Денес, речиси три децении по снимањето на „Џипси меџик“, стиховите „Шутка и Топаана имаат една мана, што не се во Индија, за да види Кришна што е тоа живот, на весела долина“ наизуст ги знаат и ги пеат не само средношколците и основците туку и понекое детуле од забавиште на кое сѐ уште не му се познати поимите Кришна и Индија.
(продолжува)































