АЛПСКО СКИЈАЊЕ
- Таа на трката во Словенија освои неверојатни 33,20 ФИС-поени, што е и нов македонски рекорд во дисциплината велеслалом, а претходно на ФИС-натпревари во Австрија и во Италија постави најдобри ФИС-поени во историјата на македонското скијање и во женска и во машка конкуренција, велат од СФМ
Најдобрата македонска алпска скијачка Јана Атанасовска, предводена од нејзиниот тренер Александар Атанасовски-Чаве, круниса уште еден историски викенд на трките во велеслалом, кои се одржаа на Рогла (Словенија), во рамките на Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
– На првиот велеслалом Атанасовска покажа врвна форма и го освои високото четврто место. Посебно блесна во второто возење, во кое постигна второ најдобро време на целата патека, со само девет стотинки заостанување зад светски познатата Израелка, Ноа Шолош. Со овој настап, Јана освои неверојатни 33,20 ФИС-поени, што е и нов македонски рекорд во дисциплината велеслалом. Успешната серија таа ја продолжи и во втората трка, во која во силна конкуренција се пласира на седмото место, со освоени 39,99 ФИС-поени – информираат од Скијачката федерација на Македонија (СФМ).
Македонската скијачка претходно триумфира на трки што се одржаа во Австрија и во Италија.
– Атанасовска оствари извонреден успех и на неодамнешните ФИС-натпревари во Австрија и во Италија, поставувајќи најдобри ФИС-поени во историјата на македонското скијање и во женска и во машка конкуренција – велат од СФМ.
Во скијањето колку помалку ФИС-поени толку подобро. На 19 март во Хинтеррајт (Австрија) во слалом таа ги освои првото место и 23,40 ФИС-поени. Истиот ден на истото место повторно беше прва, со освоени 26,45 ФИС-поени. Два дена претходно во Пампеаго (Италија) триумфира во слалом со 23 ФИС-поени, а еден ден претходно на истото место во слалом беше трета, со 30,66 ФИС-поени. Г.И.































