Рецензија
- Кон претставата „Госпоѓа Олга“ од Милутин Бојиќ во режија на Југ Ѓорѓевиќ, а во продукција на Народниот театар од Белград, Србија, и во копродукција со Народниот театар на Република Српска од Бања Лука. Главните улоги ги играат: Нела Михаиловиќ, Александар Вучковиќ, Љубиша Савановиќ, Слаѓана Зрниќ, Смиљана Маринкови, Ива Милановиќ
Милутин Бојиќ е српски класик кому како и на Бранко Миљковиќ смртта многу рано му го пресекла книжевниот гениј: на само 25 години. Опседнат од театарот, покрај своите две поетски збирки и едната поема, тој на српската книжевност и театар им подари и пет особено значајни драми: „Синџири“, „Кралевата есен“, „Урошевата женидба“, „Сините гробишта“ и, секако, „Госпоѓа Олга“, граѓанска пиеса што ја превртува ракавицата на тогашната српска граѓанска класа на почетокот на дваесеттиот век, во која младиот Милутин Бојиќ многу храбро говори за меркантилиевското влијание на тогашниот граѓански слој во Србија. За жал, влијанието таа пиеса да биде поставена во тој период (1913–1914 година), само три години пред неговата смрт, не дало плод, за дури во 1979 година на сцената на Народниот театар во Белград да ја постави големата српска режисерка и драматичарка Вида Огњеновиќ.
„Госпоѓа Олга“ зборува за силно контаминираната социјална структура на граѓанското општество на почетокот на дваесеттиот век од позиционирањето на капиталот меѓу моќниците и нивните зависници каде што царувале лихвата и браковите од интерес, кои во овој случај не се срамат ни од родосквренавењето. Напишани биле неколку верзии на оваа драма во која се разликуваат краевите, па така, како што пишува Јован Христиќ, под влијание на рецензентите, Бојиќ морал да го промени крајот каде што главниот лик, младичот Гидра, наместо да ја напушти куќата поради моралната пропаст со која се соочува, тој останува, па така оваа, како што се нарекува – граѓанска драма – во поднасловот на самиот автор е жанровски означена како „комедија“. Милутин Бојиќ бил особено храбар автор, кој на некој начин преку оваа пиеса ја презентира и својата чудна смисла за хумор, па би рекол, можеби поради тоа самиот дошол до констатација дека оваа негова пиеса треба да биде комедија.
Режисерското видување на младиот режисер Југ Ѓорѓевиќ се движи по остриот раб на таквиот вид блага фарсичност, но главната координата на неговата режија е осовременување на моралниот амбис, кој во денешниот дваесет и први век е легитимиран како релевантен чинител во сите релации опишани во самата пиеса. Со тоа Југ Ѓорѓевиќ го отвора и проблемот на старите и крајно погубни тајни во семејствата што уништуваат цели генерација. Можеби затоа неговиот драматург Ѓорѓе Косиќ во пиесата ја инволвира и легендата за царот Трајан, кој имал козји уши за конечно „козјите уши“ во нашево хаотично време да останат плод на реинтегрирањето на ориентираноста добро замотана во целофанот на граѓанските констелации (ако воопшто ги има). Непрепознавањето на моралниот пад и родосквернавењето, кои се чини дека ги чувствува и отворено ги покажува младиот Гидра во ова читање на „Госпоѓа Олга“, се само подвлекување на денешното туркање под тепих на значајните релации, но и на нивната релативизација, која, како што низ својата режија покажува Југ Ѓорѓевиќ, се наше „право“ и „казна“. Тој по фаталната информација во пиесата го отвора светлото во публиката и нè повикува сите да се придружиме во откривањето на болните тајни и да помислиме што се крие во нашите духовни и социјални дамари. Така, госпоѓа Олга, која е морална констернација во општеството станува корифеј на добро скроеното недоразбирање што останува да виси во воздухот, а актерите (ликовите) излегуваат и влегуваат во истото место во кое сме влегле и ќе излеземе и ние како публика/сведоци на претставата. На овој начин, Југ Ѓорѓевиќ отвора одличен простор за актерската енергија, која е на завидно ниво. Госпоѓа Олга на Нела Михаиловиќ е прецизно изграден лик на дама, која низ своите младешки години не успеала да се консолидира емотивно, па станала господарка на туѓите несреќи и беди, станувајќи и емотивна и материјална љубовница на немоќен претставник исто така на граѓанската класа. Доследна на својот лик, оваа сјајна актерка одушевува со својот талент и непроценлива актерска умешност, одведувајќи нè во едно време за кое сепак помислуваме дека сè уште не завршило, актерска креација што плени со својата автентичност и актуелност. Наспроти неа, Гидра на младиот и особено талентиран Александар Вучковиќ е бонвиван, кој во својата есенција ја преживува несреќата на своето семејство, се соочува со својата безизлезност и на крајот се потсмева на она што значи продолжување на несреќата. Комична е неговата неодлучност, но дотолку е потрагична неговата одлука и тој да стане дел од граѓанската дисторзија. Александар Вучковиќ гради вибрантен лик што импонира со својата ироничност, но и со силната емоција, особено во последната сцена кога сведочиме на неговите горчливи солзи. Тоа е сјајна актерска партија достојна за секоја почит. Тука ќе ја спомнеме и Слугинката на Смиљана Маринковиќ, која покрај својот лик е и нараторка на целото дејствие, резонерка чија функција не е само да ја одигра дистанцата на сите несреќни ситуации, кои се развиваат со голема брзина, туку таа е и млада девојка што не може да ги скрие симпатиите кон младиот Гидра, а истовремено не може да го скрие и својот анимозитет кон целиот тој морален амбис. Слаѓана Зрниќ одигрува лик на субмисивна сопруга на адвокатот Новаковиќ, која знае што се случува и која сепак не може да ги промени нештата да не одат во неповрат, но оваа актерка мошне успешно ја одигрува и другата страна на тој медал, отворајќи ги во себе и строгоста и студенилото кон својот сопствен син. Нејзиниот сопруг, адвокатот Новаковиќ, Љубиша Савановиќ и разгалената и невоспитана Вука на Ива Милановиќ се одиграни многу точно и транспарентно.
Од особено значење за претставата е нејзиниот визуелен момент, кој низ сјајната симболистичка сценографија на Драгана Пурковиќ Мацан и осовременетите костими на Велимирка Дамјановиќ нè пренесуваат во времето на една граѓанска опуштеност под чии вирови се кријат големите недоразбирања и драми. Секако, ненаметливата, но исклучително значајна музика на Невена Глушица говори за мостот на времето меѓу тогаш и сега, музика што остава одличен впечаток.
Во целото тоа море од интриги во драмата на Милутин Бојиќ се прашувате што е она што најмногу боли кога се во прашање семејството и угледот во општеството. Она што најмногу боли во целата светска драматика се чини дека се „парите“. Социјалната беда, предизвикана од финансиската немоќ, е предзнак за рушење на човековото достоинство и урнисување на благотворноста на класниот систем. „Госпоѓа Олга“ е драма што е полна со недостојности и неизреклив неморал, драма што до својата срж се занимава со етиката, што зборува дека младиот поет и драматичар Милутин Бојиќ всушност како да знаел до каде ќе дојде човековото достоинство цели сто години по него. Претставата на Југ Ѓорѓевиќ ја отвора токму таа врата: вратата на осовременувањето на човековата фрагилност и недостојност во време кога релативизирањето на односите ги турка на колена семејните вредности, а со тоа ја заматува и целата социјална слика.
Сашо Огненовски































