Фото: Влада

Владата, преку Министерството за транспорт и Министерството за финансии, најави силна поддршка за реализација на проектот брз автобуски превоз (БРТ) во Град Скопје, со цел модернизација на јавниот транспорт, информираше на социјалните мрежи министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

– На денешната седница е потврдена подготвеноста за воспоставување на нов, современ сообраќаен систем кој треба да ја подобри ефикасноста и економичноста на транспортната мрежа во главниот град. Проектот предвидува изградба на две линии – Исток–Запад и Север–Југ, како и набавка на CNG и хибридни нископодни автобуси, воведување на патнички информативен систем, паметни станици и интеграција во системот за управување со сообраќајот – истакна тој.

Како што напиша Николоски, инвестицијата, вредна 70 милиони евра, ќе се реализира со заем од Европската банка за обнова и развој, при што Владата средствата ќе ги пренесе на Град Скопје како неповратна поддршка.

Рокот за завршување на проектот е февруари 2029 година.

Тој посочува дека развојот на Скопје бара нови транспортни решенија кои ќе овозможат побрз и поефикасен превоз за граѓаните. Во таа насока, паралелно се работи и на проектот за градски воз, како и на набавка на нови еколошки електрични автобуси, со што се очекува значително подобрување на јавниот превоз во градот.