Фото: МОН

„Животот нема рестарт. Оружјето не е игра“. Со оваа порака министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го означи почетокот на кампањата на ОБСЕ за подигнување на јавната свест за ризиците од злоупотребата на малото и лесното оружје, насочена кон младата популација.

– Оружјето не е нешто што треба да се романтизира или потценува. Еден момент на невнимание може да остави последици не само врз поединецот туку и врз неговото семејство, пријателите и целата заедница – рече Тошковски.

Тој истакна дека спречувањето на злоупотребата на оружјето и насилството кај младите е заедничка обврска на институциите, училиштата, родителите и локалните заедници. Кампањата, како што додаде, претставува пример за координиран пристап меѓу Националната комисија за мало и лесно оружје, образовниот систем, локалната самоуправа и МВР.

 

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, кога училишната средина е мирна и хармонична, фокусот на учениците е насочен кон резултати од учењето.

Јаневска истакна дека училиштето е местото каде што се гради култура на ненасилно однесување и се развиваат вештини за пријателство, а не за конфликти. Таа нагласи дека децата од најрана возраст треба да учат дека „нема ништо привлечно во носењето оружје“ и дека тоа мора да се објаснува упорно и соодветно на возраста.

– Младите години се полни со енергија, но понекогаш и со непромислени мисли. Затоа една повремена проверка на ранецот на детето од страна на родителите не е лошо да се направи – порача Јаневска упатувајќи порака до сите семејства да реагираат доколку забележат невообичаено однесување или предмети што не припаѓаат во училишниот ранец.

 

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, порача дека насилството има неповратни последици.

Вал истакна дека иницијативата ги обединува институциите и партнерите за заедничка цел – зајакнување на безбедноста и сигурноста во земјата, со фокус на младите, кои, како што рече, се најизложени на наративи што го нормализираат насилството.

– Иако пристапот до оружје може да биде ограничен, изложеноста на содржини што го романтизираат насилството останува загрижувачка. Затоа е суштинско да се наградуваат здравите избори, да се поттикнуваат емпатија, почит и одговорност – рече Вал додавајќи дека грешките поврзани со оружје „се наплаќаат“ бидејќи „животот нема рестарт, а оружјето не е игра“.

Тој нагласи дека кампањата не е насочена само кон подигнување на свеста, туку и кон спречување насилничко однесување, промовирање ненасилно решавање конфликти и градење култура, во која почитта и одговорноста се општествени норми.

Настанот се одржа во средното училиште „Владо Тасевски”, а кампањата предвидува активности и посети на училишта во повеќе градови во државата како дел од проектот „Поддршка на националните власти во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесното оружје“, што го спроведува Мисијата на ОБСЕ во Скопје.