Фото: „Гевгелија нет“

На гастрономскиот натпревар „Тејсти“ во Струмица

Неодамна во Струмица се одржа третиот натпревар за млади угостители „Тејсти“ („Tasty“), во организација на здружението за афирмација на млади угостители „Ескофиер“ од Струмица.
На натпреварот учествуваа триесетина ученици од средните училишта со угостителски струки од Југоисточниот Регион на Македонија, кои преку приготвување различни јадења имаа можност да ги покажат својата креативност, умешност и професионалност во кулинарството.
Гевгелиските средношколци од СОУ „Јосиф Јосифовски“ учествуваа во категориите готвење, поставување маса и миксологија. Нивното претставување на готварските вештини, сервирањето и миксологијата им донесоа медали.
Учениците од насоката за готвачи освоија три златни медали и еден сребрен, келнерите освоија еден сребрен и еден бронзен медал, а идентични награди, еден сребрен и еден бронзен медал, освоија и учениците што се натпреваруваа во областа на миксологијата.
Целта на овој настан е да се поттикне интересот кај младите за угостителската професија, да се развива нивниот талент и да се создадат нови можности за размена на знаења и искуства меѓу учениците и менторите.
Натпреварот „Тејсти“ претставува значаен настан за промоција на младите таленти во угостителството и можност учениците практично да ги применат знаењата стекнати во текот на своето образование.