Романот за деца „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ на Ванчо Полазаревски е годинашен носител на наградата „Оливера Николова“
На 11 март, на денот кога беа одбележани 90 години од раѓањето на големата македонска писателка Оливера Николова, издавачката куќа „Арс ламина“ го прогласи добитникот на наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади „Оливера Николова“ за 2026 година.
На прес-конференцијата, која се одржа во книжарница на „Литература.мк“ во Скопје, беше соопштено дека ракописот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ на Ванчо Полазаревски е втор победник на конкурсот за наградата „Оливера Николова“. Победникот е избран со едногласна одлука на жири-комисијата, составена од Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Ермис Лафазановски (првиот добитник на наградата во 2025 година) и Јованка Денкова (професорка по книжевност за деца на Филолошкиот факултет на УГД во Штип).
– Годинашниот добитник на наградата „Оливера Николова“ – „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ од Ванчо Полазаревски – ја актуализира важноста на екологијата и на сфаќањето на околината и природата како наш единствен вистински и заеднички дом. Тоа го прави на еден даровит, невообичаен, редок, мошне забавен, читлив и ведар начин, каде што веселоста ѝ претходи на сериозната порака, без да ја спречува таа да втаса до читателите веднаш откако ќе стивне смеата и ќе се затвори последната страница на романот – се вели во образложението за наградата.
На вториот конкурс за наградата, востановена од издавачката куќа „Арс ламина“ со поддршка од семејството на Николова, кој траеше од 11 септември 2025 до 11 јануари 2026, пристигнаа 46 ракописи. Жирито ги апострофираше квантитетот и квалитетот на пристигнатите ракописи.
– Не е мала работа да добиеш награда што го носи името на нашата голема уметница, писателката Оливера Николова. Е тука сакам да му заблагодарам на жирито што во мојата книга најде материјал за награда, која ми е многу драга. А јас сум сигурен дека идната година на овој конкурс ќе се јават уште повеќе пишувачи на нови романи за деца, со уште повисок квалитет, затоа што идејата на „Арс ламина“ да му даде силен поттик на ова творештво за деца навистина е чекор за поздравување – изјави писателот Ванчо Полазаревски.
Ванчо Полазаревски (1951) e истакнат македонски хуморист, сатиричар и писател за деца. Има работено како новинар и уредник. Автор е на следниве книги: „Па што?“ (хуморески за возрасни); „Скриб-тиз“ (афоризми); „Сештологија“ и „Крадец на интернет“ (пиеси за деца); „Гатанки 1“ и „Гатанки 2“ (гатанки); „Бушавиште“, „Смеалиште“, „Лилав пилав“, „Лифт“, „Азбукварка“, „Баба Рога вежба јога“ и „Шарено марено“ (поезија за деца); „Фока во фиока“ (брзозборки); „Џемпер-дрво“, „Шашардарија“, „Распашани приказни“, „Прастари сказни за херои, чуда, чудесии и чудовишта разни“ и „Ноќ и ден“ (раскази за деца); „Нервозни приказни“ (проза за возрасни); „Солзи и бисери“ (театарска претстава). Тој е автор и на неколку сликовници: „Големи и мали“, „Броенка“, „Први зборови“…
Добитник е на наградата на МТВ за најдобра книга за деца и млади меѓу две Струги (за „Смеалиште“), како и на специјалната награда на Остеновата светска галерија на карикатури (заедно со Мустафа Асим). Член е на Друштвото на писателите на Македонија, а беше член и на сатирично-хумористичната група „Кикс“ при „Студентски збор“. Романот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ е негов прв роман за деца и млади.
Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади ја востанови издавачката куќа „Арс ламина“, со поддршка од семејството на Николова, на 11 март минатата година. Николова почина на 3 ноември 2024 година. Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитетот на големото авторско име на Оливера Николова преку симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност и да се ревитализира еден од жанровите во кои таа создаваше – романот за деца и млади.
На првиот конкурс (за 2025 година) победи романот „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски, а во најтесен избор за наградата беше „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов).
„Арс ламина“ веќе го распиша и третиот конкурс за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2027 година.
Ф.Д.
































