ФУДБАЛ – ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2026
- Нема да се предадеме, ако сите одиграме на највисоко ниво, можеме да сонуваме за пласман, изјави македонскиот репрезентативец Бобан Николов, пренесе ФФМ
Сите знаеме што значи да се игра за репрезентација. Тоа не може да се спореди со ништо, играш за својата држава и ја претставуваш. Се надевам дека ќе биде одлично и дека со моето искуство, заедно со сите во тимот, ќе придонесам да стигнеме до посакуваната цел. Искрено верувам дека можеме. Нормално е да се надеваме, а ако ни е денот, можеме и да изненадиме. Сите веруваме и дојдовме тука со таа цел. Нема да се предадеме, ако сите одиграме на највисоко ниво, можеме да сонуваме за пласман, изјави македонскиот репрезентативец Бобан Николов, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), во пресрет на задутрешниот натпревар (20.45 часот) на гости со Данска, во плејофот за пласман на 23. Светското првенство (СП) годинава.
Македонската репрезентација од неделата се подготвува за дуелот во Копенхаген.
– Прво размислуваме за Данска, тоа е најважниот натпревар. Притисокот е на нивна страна, а ние немаме што да загубиме, можеме само многу да добиеме. Ќе влеземе смирено, ќе го оставиме срцето на терен, па што биде нека биде. Селекторот носи агресија и силна мотивација. Знае како да ги поттикне играчите и мислам дека тоа е голем плус за нас. Ако таа енергија се пренесе на терен, можеме многу да постигнеме – рече Николов, пренесе ФФМ.
Победникот на средбата Данска – Македонија ќе игра во финалето на плејофот, на гости, на 31 март, со победникот на натпреварот Чешка – Република Ирска, за обезбедување место на годинашниот фудбалски Мундијал во САД, Мексико и во Канада. На СП 2026 досега се пласираа 42 репрезентации, а преостанатите шест места ќе бидат пополнети со доигрување, за четири места од Европа и за две од Интерконтиненталниот плејоф.
– За мене ова е нешто најголемо што може да се случи во мојата кариера, да го облечам дресот на Македонија. Навистина е чест и огромно задоволство што сум тука. Ќе дадам сѐ од себе за да ѝ помогнам на репрезентацијата. Ова го посакував, го чекав и го сонував долго време и среќен сум што конечно дојде моментот. Со нетрпение очекувам да почнеме. Најважно е да бидеме тим, сите заедно. Знам дека на мојата позиција Алиоски има големо искуство и многу години во репрезентацијата, и тоа е дополнителна мотивација. Очекувам тежок натпревар. Данска е силна репрезентација, но се фокусираме на нас самите. Верувам дека натпреварот е 50-50 и дека сѐ зависи од нас. Одиме максимално мотивирани и се надевам на позитивен резултат, зошто да не и пласман во финалето – рече репрезентативецот Себастијан Херера, пренесе Фудбалската федерација на Македонија. Н.М.
ПЛЕЈОФ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2026, ПАТЕКА Д
ПОЛУФИНАЛЕ
Данска – Македонија четврток, 20.45 ч.
Чешка – Р. Ирска четврток, 20.45 ч.
финалето е на 31 март, домаќин на мечот е победникот на дуелот Чешка – Република Ирска

































