Изложбата „Лазар Соколов – живот и дело“ на авторот м-р Илија Василески е поставена во Музејот на македонската борба за самостојност, која ќе биде отворена за посетителите до средината на април.
Лазар Соколов е учесник во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (1941-1945) и еден од втемелувачите на современата македонска држава на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија.
Преку богат музејски материјал, кој содржи фотографии, документи, лични предмети, но и досието водено од Управата за државна безбедност на Социјалистичка Република Македонија, изложбата го документира животниот пат на македонскиот интелектуалец, кој оставил силен белег врз политичките и економско-социјалните состојби во периодот на создавањето на македонската држава. Експозицијата опфаќа повеќе аспекти од активизмот на Лазар Соколов, како доктор по економски науки образован на Универзитетот во Загреб, учесник во Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (1941-1945), член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија и на Комунистичката партија на Македонија, делегат на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, повереник на народното стопанство и економска обнова, пратеник во Народното собрание на Македонија и плоден научник, оставајќи зад себе голем опус од областа на економските науки.
































