Владата на Словенија воведе ограничување на полнењето гориво, дозволувајќи максимум 50 литри за физички лица и 200 литри за правни субјекти. Мерката доаѓа по неколкудневни проблеми со снабдувањето на бројни бензински пумпи низ земјата.
Недостигот е најизразен на пумпите на Петрол, што го потврди и премиерот Роберт Голоб. Тој ги повика трговците со нафта да разгледаат мерки за ограничување на полнењето од страна на странски државјани, посочувајќи на зголемениот број возачи од Австрија и Италија кои доаѓаат во Словенија поради пониските цени на горивото, објави словенечкиот јавен сервис.
Голоб истакна дека горивото во моментов е најдостапно на пумпите на МОЛ, додавајќи дека и другите компании треба да обезбедат стабилно снабдување.
Од Петрол ги отфрлија обвинувањата, нагласувајќи дека залихите се стабилни и дека повремените недостатоци се резултат на зголемена побарувачка.
Во меѓувреме, поради недостигот, беше активирана веб-страницата „Kje je gorivo?“ („Каде е горивото?“), која во реално време прикажува каде има достапно гориво низ земјата.
Дополнително, словенечката влада донесе одлука според која на автопатите важат пазарни цени на горивата, додека надвор од нив цените остануваат регулирани и пониски. За наредните денови е најавено ново поскапување, при што цената на дизелот се очекува да достигне околу 1,64 евра за литар.



































