Министерот за здравство, Азир Алиу на заедничката прес-конференција со претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство, д-р Ирена Алексиоска Папестиев и шефот на Канцеларијата на СЗО во Македонија, д-р Аким Али, како и претставници на УНИЦЕФ и УНФПА ги презентираа резултатите од најновиот извештај на меѓуагенциската група на Обединетите нации за проценка на смртноста кај децата за 2025 година
– Согласно наодите од извештајот, нашата држава е рангирана меѓу најуспешните земји на глобално ниво во намалување на неонаталната смртност и смртноста кај децата под петгодишна возраст, при што државата е препознаена како пример за успешна имплементација на интегрирани и координирани здравствени политики. Во изминатиот период е евидентиран значителен напредок, при што стапката на неонатална смртност е намалена за 87 проценти, од 8,1 на 1,1 на 1.000 живородени деца, додека стапката на смртност кај деца под пет години е намалена за 75 проценти, од 11,1 на 2,8 на 1.000 живородени деца. Остварените резултати се плод на континуирани системски реформи, зајакната институционална координација и партнерство со релевантните меѓународни организации, како и имплементација на сеопфатни мерки за унапредување на квалитетот на здравствената заштита – истакна министерот Алиу.
Во таа насока, како што рече тој, особено значајни се активностите насочени кон зајакнување на итната акушерска и неонатална нега, ревидирање и усогласување на клиничките протоколи, унапредување на практиките за реанимација на новороденчиња и превенција на инфекции, како и подобрување на системот за медицински транспорт.
Паралелно, Министерството за здравство доследно го спроведува мастерпланот за перинатална нега 2020–2030, кој обезбедува воспоставување стратифицирана перинатална мрежа, согласно нивото на ризик и овозможува континуирано унапредување на квалитетот на здравствените услуги на сите нивоа на здравствена заштита.
Министерот Алиу изрази искрена благодарност до партнерските организации – СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА, како и до Комитетот за безбедно мајчинство, за нивната континуирана поддршка, стручна експертиза и заедничка посветеност во унапредување на здравствената заштита на мајките и децата.

































