Актуелниот воен конфликт на Блискиот Исток го потенцира геополитичкото значење на водата
- Американската информативна агенција „Блумберг“ во својата анализа со наслов „Најскапоцената стока во иранската војна не е нафтата“ се осврнува на фактот дека земјите од Персискиот Залив се богати со нафта, со јаглеводороди, во вредност од илјадници милијарди долари, но немаат вода. Во најновиот извештај на глобалната медиумска платформа „Поглед на здравствената политика“ од Женева за состојбата со водата и водните ресурси се вели дека „светот влегува во нова ера на водни кризи, во ера на глобален банкрот на водата“. Водните системи во Македонија се далеку од „банкрот“, но, кажано со терминологијата од споменатиот извештај на ООН, Македонија влегува во подрачјата што се под таканаречен „висок воден стрес“
ЦИА ја нарекува „стратегиска стока“ на Блискиот Исток. Но тоа не е нафтата или природниот гас, туку водата за пиење. Ако продолжат да ескалираат воените дејства во Иран, тогаш таа вода може да стане геополитичка стока што ќе одлучи за војната меѓу САД и Иран, пишува американската информативна агенција „Блумберг“ во својата анализа со наслов „Најскапоцената стока во иранската војна не е нафтата“, објавена на 5 март. „Блумберг“ се осврнува на фактот дека земјите од Персискиот Залив се богати со нафта, со јаглеводороди, во вредност од илјадници милијарди долари. Но овие пустински земји немаат вода и затоа како регион се потпираат на речиси 450 постројки за отсолување на морската вода и нејзино претворање во пивка вода. Ако Иран почне да ги уништува тие постројки за отсолување, тогаш недостигот од вода за пиење ќе одлучи за натамошниот тек на воените операции и во Иран и на Блискиот Исток, констатира „Блумберг“.
Глобалната медиумска платформа „Поглед на здравствената политика“ („Health Policy Watch“) од Женева, Швајцарија, на 28 јануари го објави најновиот извештај на Организацијата на Обединетите нации за состојбата со водата и водните ресурси во светот.
– Светот влегува во нова ера на водни кризи, во ера на „глобален банкрот на водата“ – ова се дел од клучните констатации во тој извештај на светската организација.
– Овој извештај кажува непријатна вистина: многу региони живеат над своите хидролошки можности, а многу критични водни системи веќе се банкротирани – нагласи Кавех Мадани, директор на Институтот за вода, животна средина и здравје на Универзитетот на ОН и главен автор на извештајот. Извештајот на ОН повикува на „фундаментално ресетирање“ на начинот на кој се користи и заштитува водата, од намалување на правата за повлекување вода до трансформирање на земјоделството и индустријата преку поефикасно наводнување и помалку расипнички системи.
Водните системи во Македонија се далеку од „банкрот“, но, кажано со терминологијата од споменатиот извештај на ООН, Македонија да не прави потези, при пообемни резерви, да влезе во областа на „висок воден стрес“. Кај нас има криза за вода за пиење (последно во Струга и Струшко), потоа загубите на пивка вода низ водоводните мрежи сѐ уште се големи, а количеството на вода што се троши тукутака, неекономично (на пр. во земјоделството), е многу поголемо од европскиот просек. Сè повеќе граѓани трошат големи количества пивка вода за наводнување на дворните површини. Македонија има неверојатни загуби на вода. Македонскиот систем за водоснабдување во просек губи повеќе од 60 проценти од водата, главно поради старата инфраструктура, нелегалните приклучоци и недостигот од база на податоци за мрежата и приклучоците, наведува Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси. Најголеми загуби на вода се забележани во Југозападниот Регион, каде што изнесуваат речиси 73 отсто, слично како во Полошкиот Регион, каде што имало повеќе од 70 отсто загуби на вода. „Фундаментално ресетирање“ на користењето и заштита на водата и водните ресурси несомнено се потребни и во Македонија.
Водата за пиење и за други човекови потреби како „бело злато“ и „геополитичко оружје“ во 21 век
Но наместо „фундаментално“ ресетирање на третирањето и користењето на водата во светот, сѐ повеќе „говорат“ оружјата! Насилствата во светот, поврзани со водата, достигнаа рекордни нивоа – покажува „Хронологијата на водните судири“ на „Пацифичкиот институт“ (светски релевантна американска невладина организација за истражувања на светските водни ресурси и судирите во врска со нив), која беше ажурирана на 11 ноември 2025 година и вклучува податоци до средината на 2025 година. Опфаќајќи ги новите настани од 2024 до средината на 2025 година, „Пацифичкиот институт“ додаде во својата база на податоци 844 нови случаи на насилство поврзано со водата! Во 2022 година имало 235 инциденти и судири околу водата, а во 2024 година 419. Трендот на скоковит пораст на бројката на водни конфликти, кој е забележан во 2025 г., продолжува и во првиве три месеци од 2026 година. Споменатата анализа на „Блумберг“ е само потврда повеќе на овие податоци на „Пацифичкиот институт“. Највисоката концентрација на овие нови конфликти е лоцирана на Блискиот Исток, Јужна Азија и во потсахарска Африка, но трендот навистина е глобален.
Водата сѐ повеќе ќе претставува „бело злато“ на 21 век, или можеби уште поточно, ќе добива и третман на клучен геополитички ресурс, па дури и на геополитичко оружје во меѓусебните односи и судири меѓу државите: која држава ќе има доволно сопствена вода за пиење и наводнување во земјоделството, како и за производство на струја, ќе може да се развива, а нејзините жители нема да страдаат од жед. Која држава ќе нема свои задоволителни и квалитетни водни ресурси ќе се обидува да надомести од други, покрај другото, нарушувајќи го нивниот суверенитет врз сопствените води, нивниот воден суверенитет.
На оддалеченост од само 215 километри од Скопје, во активна фаза е уште еден случај на опасен судир околу водниот суверенитет, кој во 2024 година доведе и до употреба на експлозив. Косово и Србија се во спор околу критично важната водна инфраструктура во северно Косово, особено за езерото Газивода и каналот Ибар-Лепенец, кои се од суштинско значење за вода за пиење и енергија. Непрекинатите тензии меѓу Косово и Србија на овој план доведоа и до експлозија во ноември 2024 година, што го оштети каналот. Централна точка на спорот и веќе судирот меѓу Косово и Србија е контролата врз езерото Газивода, кое служи како главен воден ресурс и за областите доминирани од етнички Срби на север. За овие водни ресурси постои „преклопувачки воден суверенитет“ – и на Косово и на Србија. Одредени држави во светот немаат силна армија да ги штитат своите водни ресурси, но затоа дома и во однос на надворешни, меѓународни чинители и држави ги штитат тие свои ресурси и својот воден суверенитет со силна и обемна уставна рамка, а врз основа на тоа и соодветно донесени закони и други акти. Нецелосни се, поточно, и сосема се скудни и рамката и одредбите на постојниот устав на Македонија, кои се однесуваат на водите како дел од вкупните природни богатства на државата и на нејзиниот воден суверенитет. Република Македонија не е во спор со никого околу своите водни ресурси, ама изгледа дека е во спор со самата природа, која ѝ ги подарила тие ресурси! Според податоците од 2024 година, Македонија годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење, од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода. Македонската држава е една од земјите со најголеми загуби на вода во Балканскиот Регион – со околу 63 проценти. Од експертите доаѓаат предупредувања дека за справување со овој горлив проблем е потребен непрестаен инвестициски циклус во водоводната мрежа, со цел да се намалат загубите на вода од извор до чаша. Најмногу вода за пиење се губи во Скопје – дури 63 милиони кубни метри годишно, што е 43 отсто од целата загубена вода во земјата. Следуваат Гостивар, Тетово и Кичево. Проблемот многукратно се зголемува и ситуацијата се усложнува и со крајно нерационалната потрошувачка на пивката вода во македонските градови.
Случаи и примери на регионални геополитички тензии, спорови, па и оружени судири за водните ресурси има сѐ повеќе во светот и на европскиот континент поодделно. Зошто доаѓа до нив? Податоците и праксата покажуваат дека намалувањето на водните ресурси, особено за човечка употреба, и сушите во светот се главната причина поради која луѓето и државите започнуваат повеќе да војуваат за „белото злато“ – водата, отколку за нафтата.
Се случија оружени судири меѓу Киргистан и Таџикистан во 2021 година за тоа кому ќе му припадне поголемо количество вода од реката Ак-Су, која тече низ двете држави, како и меѓу Иран и Авганистан во 2023 година за водите на заедничката река Хелманд. Непрекинатите тензии за водните ресурси ескалираат и во Европа: од дипломатски спорови меѓу државите, па сѐ до локализирани насилства меѓу некои од нив, што е предизвикано во голема мера од силните суши, зголемената побарувачка на вода за наводнување во земјоделството и од неразрешените меѓудржавни спорови за тоа како ќе се распределуваат водите од одделни реки што течат низ две или неколку држави итн.
Најдрастичниот случај на оружен судир за водните ресурси во Европа е, бездруго, меѓу Русија и Украина. Руските сили ја уништија браната Каховка во јуни 2023 година, прекинувајќи го снабдувањето со вода во земјоделството и уништувајќи ја цивилната водна инфраструктура. Водната криза во Славјанск во 2024 настана, поради уништување на тамошната водоводната инфраструктура, ги остави жителите во источна Украина без пристап до вода повеќе од три месеци. Случајот меѓу Косово и Србија и „оружените искричења“ околу езерото Газиводе веќе го споменавме.
Во тек се прекугранични спорови и геополитички тензии меѓу Украина и Молдавија околу реката Днестар, кои се интензивираа особено во 2024 и 2025 година. Молдавија изрази загриженост во врска со едностраното управување со протокот на вода од страна на Украина и изградбата на нови огради, што ги загрозува резервите на вода за земјоделството и вода за пиење во Молдавија. Во тек е спор поради сушата меѓу Шпанија и Португалија, кој особено се манифестираше во 2023–2024 година. Последователните години суша предизвикаа сериозни тензии околу спроведувањето на Договорот од Албуфеира, кој го регулира заедничкото користење на водите од реките Тагус и Дуро. Намаленото испуштање вода од страна на Шпанија во Португалија, особено за време на недостиг, предизвика тензии.
Во овој кус преглед на европските „водни тензии“ и прекршувања на водниот суверенитет на низа држави ќе го споменеме уште само тековниот спор меѓу Германија и Полска околу користењето на реката Одра (со значително намалени нивоа на водата), кој ескалираше во значителни дипломатски тензии меѓу двете држави, особено во 2023 и 2024 година.
Со балканските водни изворишта „газдуваат“ странци?!
Но од Балканот, каде што засега нема војни за водни ресурси, доаѓа еден друг пример за нарушување на државниот суверенитет врз водите, кој е многу поучен и предупредувачки за Македонија. Во Србија повеќе од 80 отсто од употребените водни изворишта се под експлоатација на странци и странски компании! На 11 март 2019 година во анализата со наслов „Кој газдува со српските води: наши извори во раце на странци“, белградскиот весник „Вечерни новости“ објави: „Како дозволивме со повеќе од 80 отсто од извориштата, кои се експлоатираат во Србија, да газдуваат странски компании? Водата е наше богатство, но од неа полза имаат само странците. Тоа би можело да се каже за овој стратегиски ресурс, кој го има Србија, бидејќи со повеќе од 80 отсто од извориштата газдуваат странски компании. Иако според законот сопственик на извориштата на вода може да биде само државата Србија, странците се изборија за правото да го експлоатираат ова богатство најмалку 15 години. Тоа е максималниот период на кој се издаваат водните дозволи, но сите странски компании сметаат на продолжетоци. Се проценува дека моментно во Србија 34 фирми се занимаваат активно со полнење вода во шишиња, но дури со четири петтини од оваа вода управуваат компании од Германија, Америка, Франција и од Холандија. Горан Триван, министер за заштита на животна средина, вели дека не е добро експлоатацијата на водата да биде во рацете на странците, бидејќи се работи за најчувствителниот и најважен планетарен ресурс. Според Триван, оваа ситуација дури е рамна и на национална катастрофа! ‘Ние не ги отуѓивме извориштата и треба да ги вратиме назад под располагање на Србија.’ – нагласи тој“.
Состојбата со водните ресурси на Македонија
Македонија засега има многу добри водни ресурси, но се наложува од година на година сѐ повеќе потребата за рационално користење на водата. Според податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање, околу 2 процента од територијата на Република Македонија се под водна површина. Таа има околу 35 реки и 53 природни и вештачки езера. Според количествата водни ресурси, Македонија спаѓа меѓу државите со задоволителни водни ресурси, но проблемот е во тоа како да се управува со водните ресурси, како да се користи и да се заштитува водата, особено водотеците и изворите на пивка вода. Може да се постави уште поконкретно прашање: дали веќе е потребно едно потемелно ревидирање на Националната стратегија за управување со водите, која е за периодот до 2030 година. Зошто? Во македонските градови се бележи сѐ понерационална потрошувачка на водата за пиење, што се случува напоредно со губењето на таа вода од водоводната мрежа, поради нејзината дотраеност, и што резултира со губење на дури 146 милиони кубици вода за пиење годишно. „Рекордер“ во нерационална потрошувачка на пивката вода е Скопје, кое годишно троши и до 350 илјади кубни метри дневно, што се случуваше особено во летните месеци во 2025 година. Во една аналитичка студија се наведува дека „надлежните институции во Македонија немаат доволно капацитет, постои недостиг од основни информации, знаење и алатки за заштита, планирање и следење на водните ресурси, а и правната рамка е нецелосна“.
Нецелосна е, поточно, и сосема е скудна и рамката на постојниот устав на Македонија, која се однесува на водите како дел од вкупните природни богатства на државата. Само во членот 56 на највисокиот правно-политички акт на македонската држава се наведува дека „сите природни богатства на Републиката… се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита“ и оти „со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење“. И толку.
Земајќи ги предвид уставните решенија на Еквадор, Боливија, Јужна Африка, Кенија, Словенија и на одделни други држави и на нивните устави, се наложува потребата и Македонија да ги конкретизира во својот устав многу повеќе својот воден суверенитет и користењето на ова свое природно богатство. Зашто сушните периоди и климатските промени во светот и Европа ѝ се закануваат и нејзе како држава. Македонската држава треба да дефинира рационализирани начини на постапување и користење на своите моментни водни ресурси, за својот економски развој и заради своите државни и национални интереси во полза на сите нејзини граѓани. Веројатно е потребна и целосно нова долгорочна Национална стратегија за водите, не само амандмански промени во највисокиот правно-политички акт на македонскиот устав околу водните ресурси.
Сега е вистинско време и Македонија да започне да обрнува многу повеќе внимание на своите водни ресурси и на својот воден суверенитет, иако засега никој надворешно не ѝ го загрозува, на пример на начин и во мера како во соседна Србија.
Свето Тоевски
































