ЕКСКЛУЗИВНО: ИНТЕРВЈУ СО АКАДЕМИК ЉУПЧО КОЦАРЕВ
- Моќта на НАТО, сонот за ЕУ и неукоста на грст македонски владетели од Македонија направија држава без идентитет, јазик, историја, име, а од Македонците – безимен народ, истакнува академик Коцарев во интервјуто за „Нова Македонија“. Тој се осврнува и на состојбите во МАНУ, но и за молкот на интелектуалците. Каков изборен модел ѝ е неопходен на Македонија, каков играч е таа во геополитичките поместувања и што може да направи, за односот кон Преспанскиот и Договорот со Бугарија… анализира еден од водечките научници и мислители во земјава и пошироко, академик Коцарев
Да не беше вашето отворено писмо со барање претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, да поднесе оставка, имаме впечаток дека оваа највисока научна институција, некогаш симбол на македонската државност, е во длабок зимски сон. Како самата да се дефакторизира. Која е причината за оваа очигледна невидливост на МАНУ во период на драматични геополитички промени?
– Еден од основните предизвици со кои денес се соочува МАНУ, според моето мислење, е ангажирањето на Академијата во промоција и запознавање на пошироката научна и културна јавност во земјата со резултатите од научното и уметничко творештво на нејзините членови и зголемувањето на видливоста и препознатливоста на Академијата во земјата и во странство. Меѓутоа, мислам дека ова не е одговорот што вие го очекувате. Дали МАНУ може да предложи анализа и согледувања за предизвиците со кои се соочува Македонија во периодот кога во светот се случуваат драматични геополитички промени е прашање на кое немам одговор. Впрочем, според Статутот на Академијата – или ако сакате според толкувањето на Статутот – само Одделението за општествени науки може да иницира организирање активност (научен собир, тркалезна маса,…) на која ќе се разгледаат предизвиците со кои се соочува Македонија во периодот кога во светот се случуваат драматични геополитички промени. Што се однесува до поединците, за нивната присутност или неприсутност во јавноста, особено на првите луѓе на Академијата, немам коментар. Во англискиот јазик постојат два термина кои се пишуваат и изговараат различно, intelligence и intelligentsia, а се преведуваат кај нас со еден збор: интелигенција. Првиот термин се дефинира на различен начин и означува способност за разбирање, самосвесност, учење, расудување, планирање, критичко размислување и решавање проблеми. Вториот термин означува статусна класа на луѓе – интелектуалци, организирани или по идеологија или по националност, кои се занимаваат со сложена, но главно ментална активност и учествуваат во културниот, социјалниот или политичкиот живот на нивното општество. Според Конфино, за што сум пишувал во весникот „Нова Македонија“, петте карактеристики на интелектуалците се: „(1) длабока грижа за проблемите и прашањата од јавен интерес – социјални, економски, културни и политички; (2) чувство на вина и лична одговорност за државата и решавање на овие проблеми; (3) склоност да се гледаат политичките и социјалните прашања како морални прашања; (4) чувство на обврска да се бараат крајно логички заклучоци – во мислењето и во животот – по која било цена; (5) убедување дека работите не се такви какви што треба да бидат и дека треба да се стори нешто“. Впрочем, грижата за Академијата и убедувањето дека работите не се такви какви што треба да бидат беа основна причина за објавувањето на моите два неодамнешни текста во „Нова Македонија“.
Пред д-р Живко Попов да застане на чело на МАНУ, оваа институција ја водевте вие. Морам да забележам дека тоа е период кога во јавноста се коментираше дека конечно, по подолго време, МАНУ го води човек со висок кредибилитет во науката, но и она што недостасуваше, човек што е воден и од идејата дека Македонија мора да се надградува за да биде не само суверена туку и силна држава. Каде се изгуби, според вас, МАНУ во периодот на транзиција на раководството, доколку е тоа точна новинарска дијагноза?
– Ви благодарам на убавите зборови. За време на моето претседателствување, причината за моите јавни обраќања беше јасна: молчењето значеше дека јас го поддржувам разнебитувањето на Македонија, оттука за мене немаше друга алтернатива освен да говорам, говорам и говорам. При анализа на случувањата (или неслучувањата) што се есенцијални за опстојот и работата на една општествена структура/заедница, тргнувајќи од најмалите структури – фамилиите, преку институциите во една држава (на пример, МАНУ) и државите, до настаните што ја менуваат светската историја, следните три прашања се суштествени: Прво, зошто нешто се (или не се) случува? Второ, како реагираме на тоа? И трето, каде одиме? За жал, повторно немам одговор на прашањето зошто Академијата и нејзините раководни структури молчат. Предлагам читателите на „Нова Македонија“ сами да се обидат да одговорат на прашањето, притоа водејќи се од одговорите на трите прашања што почнуваат со прашалните прилози зошто, како и каде.
МАНУ, според моето мислење, во изминатите две години, главно, се занимаваше со себе. Тоа, меѓутоа само до определена степен, е добро. Оттука, во 2026 г. Академијата треба да се соочи со промена на сопствената правна легислатива – нешто што на МАНУ насушно му е потребно. Она што загрижува е ригидноста на дел од научната заедница во Македонија, меѓутоа и на креаторите на политиките, поврзана со научната и образовната дејност, во однос на слободата во изборот на научното творештво. За да бидам појасен, ќе го илустрирам ова со еден пример, меѓутоа ќе подвлечам дека бројот на примери, всушност, е многу голем. Професорот Ерик Лендер, професор по биологија на универзитетите МИТ и Харвард, главен водач на Проектот за човечкиот геном и советник на неколку претседатели на САД, е всушност математичар, кој докторирал на Универзитетот во Оксфорд со теза за алгебарска теорија на кодирање и дизајнирање симетрични блокови. Вакво нешто не може ниту во сон да се замисли во Република Македонија. Иронијата да биде уште поголема, на една седница на Претседателството, Претседателството одлучи да упати допис до Одделението за технички науки, барајќи Одделението „да ја преиспита одлуката за прераспределување на проектите (објаснување: тука се мисли на проекти со коишто раководам јас) што се од областа на енергетика и одржлив развој“. Ваквиот преседан во работата на МАНУ е загрижувачки: академиците имаат слобода во изборот на нивното научно и уметничко творештво, додека, пак, за раководител на проект одлучува институцијата што го финансира проектот, не Академијата. Од друга страна, јас имам публикувано, во врвни списанија, научни трудови од областа на енергетиката и одржливиот развој, дури и еден изум патентиран во САД во 2020 г.: „Методи и електрични кола за контрола на батерии и системи за складирање енергија со поврзување на мрежата“.

Вие несомнено бевте еден од корифеите што силно и артикулирано зборуваа, беседеа и аргументирано критикуваа за штетните влијанија по националното ткиво, државноста и историското наследство од Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, вклучувајќи го и Вториот протокол. Но времето врви, да речеме карванот врви, а Македонија и Македонците на чело со своите политички лидери како да легнаа на брашното посеано некаде на друго место, а ожнеано во „северна“ Македонија? Зошто е ова кревање раце од решавање на својата судбина? Можеме ли да ја елиминираме „северната“?
– Можеме и мораме! Всушност, според моето мислење, единствен пат за опстојот на Македонија е бришење на придавката „северна“. Моќта на НАТО, сонот за ЕУ и неукоста на грст македонски владетели од Македонија направија држава без идентитет, јазик, историја, име, а од Македонците – безимен народ. „Па, за правото да се биде членка на НАТО, јас не би жртвувал ни маче ни куче, а за да жртвувам макар еден човечки живот ќе треба претходно да ми извадат три четвртини мозок!!“ (Мирослав Грчев), меѓутоа, за жал, немакедонските, неуките и неправедните политичари го жртвуваа македонскиот народ. Првиот чекор за елиминирање на придавката „северна“, за што сум пишувал многупати, е раскинување на Договорот со Бугарија. Што се однесува до предлогот за одложено дејство на внесување на Бугарите во Уставот, подвлекувајќи дека не сум сигурен дека таквиот предлог е правно исправен, ќе го цитирам г. Ристо Никовски: „Во нормални услови, најавата за какво било членство во ЕУ, во 2027 година, би била повеќе од одлична вест за Македонија! Во дадените услови, меѓутоа, тоа е неприфатливо и е опасна замка. Причина е преговарачката рамка, која е наша главна пречка за ЕУ. Претходните дадоа согласност за неа и, со тоа, директно го блокираа нашиот пат за Брисел. Уставот е само формален проблем. И утре да го смениме и веднаш да важи, пак нема никаде да стигнеме! Сосема намерно, ЕУ го исфрли Уставот во преден план, за да остане прикриена, неоспорна и недопирлива катастрофалната преговарачка рамка, која тие ни ја скроија по бугарски терк! Со нејзина помош, треба да се затвори ‘македонското прашање’! Тоа е поширока политика, а не само на Брисел, Софија, Атина… Одговорно може да се заклучи дека, доколку остане сегашната преговарачка рамка – а) завршува нашето ЕУ-интегрирање; б) тоа значи дефинитивен крај на македонизмот, кој ќе биде грубо избришан во преговорите; в) апсолутно е неприфатливо за Македонија какво било полуприклучување на Унијата и кога било; г) во МНР треба итно да земат светски дипломатски експерти за заедно да бараат излез од тунелот!“. Оттука, надоврзувајќи се на овие ставови, би сакал да подвлечам дека од преговарачката рамка произлегува – што треба да им е кристално јасно на сите граѓани на Македонија, меѓутоа, што е многу поважно, и на сите политичари од Македонија – Македонија ќе биде дел од ЕУ-семејството само ако Македонците целосно се откажат од македонизмот, поточно само ако тие се претопат во Бугари.
МАНУ е водечка научна институција и треба да учествува во креирањето и развојот на државата. Овој ваш став ние го поддржуваме. Сепак, со жал можеме да констатираме дека за политиката МАНУ е само декор, затоа што досега не паметиме дека некои суштински планови, предлози или ставови се сериозно земени предвид од македонската политичка елита. Ова, би рекол, е нашиот „македонски гулаг“ за академската и научната јавност. Дали можеби политичката брутална сила на партиите би можела да се заузда со нов изборен закон?
– Советодавната функција на МАНУ треба да се преточи во изработка на стратешки документи, оттука научноистражувачката работа, уметничкото творештво и учеството на Академијата во изработка на документи од особен интерес за Република Македонија се примарни функции на МАНУ. Така, на пример, во последните неколку години, МАНУ активно учествуваше во изработка на (ќе набројам неколку документи): Законот за енергетика, Законот за обновливи извори на енергија, Стратегијата за развој на Македонија и Стратегијата за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини.
Што се однесува на вашето прашање, јас повеќепати пишував и говорев за промена на изборниот модел. Така, на пример, повеќепати предлагав една изборна единица и консензуална демократија – пропорционален модел на извршната власт. Според моето мислење, моделот на демократија во Македонија е хибриден, при што доминантната „етномнозинска демократија“ е дополнета со примеси на консоцијалната демократија. Уште повеќе, во Македонија нема вистинска консоцијална демократија, иако некои од нејзините карактеристики се имплементирани во македонското општество. Парадоксално, практикувањето демократија во Македонија од независноста до денес доведе до нејзино намалување. Со други зборови, правилото победникот добива сè, заедно со спецификите на македонското општество и, во голема мера, незнаењето на дел од македонските политичари и нивната безличност и алчност, доведоа до општество што се карактеризира со неколку фактори, сите коишто ја поткопуваат од темел демократијата. Тоа се: (1) владеење што, всушност, се реализира преку два паралелни процеса, (2) етнодиференцијација, (3) доминација на малцинството над мнозинството (двете доминации на малцинството над мнозинството и на мнозинството над малцинството се негативни и треба да се спречат со различни механизми), (4) фрагментација на општеството и (5) девалвација на системот на вредности. Политичката теорија и практика, за што може да се прочита во многу учебници и монографии, покажува дека консензуалната демократија во споредба со мнозинската демократија е постабилна, а притоа индикаторите за квалитет на демократијата се значително повисоки и владеењето во такви држави е поефикасно. Постојат голем број примери на (доминантно моноетнички, но и мултиетнички) земји во кои извршната власт се имплементира врз основа на консензуална демократија. Паралелно со зајакнување на владеењето на правото и подобрување на судската независност, предлагав воведување елементи на делиберативна демократија (нови форми на директна демократија, на пример, народно вето, отповикување избрани претставници, петиција, граѓанска иницијатива, референдум преку нови законски решенија).
Во контекст на прашањето ќе потсетам дека токму вие пред повеќе години зборувавте и баравте Македонија да отвори центар за вештачка интелигенција, но чекавме некој однадвор да ни го донесе тоа. Како би коментирале за ова?
– Проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција, е тригодишен проект, финансиска поддржан од Европската Унија, преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, а е кофинансиран од Министерството за дигитална трансформација и од ФИНКИ, кој е носител на проектот. Иако станува збор за тригодишен проект, по завршувањето на проектот, искрено се надевам дека Центарот за вештачката интелигенција нема да згасне, напротив владејачките структури ќе имаат визија за важноста на областа вештачка интелигенција и ќе го поддржат постоењето на Центарот. Истражувачкиот центар за компјутерски науки и информатички технологии (ИЦКНИТ) при МАНУ – основан како научна единица на МАНУ во 2014 година, веќе подолго време негува истражувања во областа на вештачката интелигенција. Природно е да се очекува дека ИЦКНИТ активно ќе се вклучи во работата на проектот „Везилка“, особено земајќи предвид дека координаторот на „Везилка“, професорот Димитар Трајанов, во ноември 2025 г. е избран за дописен член на МАНУ.































