Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека иднината на НАТО може да биде доведена во прашање доколку сојузниците не се вклучат во обезбедување на безбеден премин за трговските бродови низ Ормускиот теснец – клучна точка за глобалниот транспорт на нафта, објави доцна синоќа „Фајненшл тајмс“.

-Сосема е соодветно луѓето кои се корисници на теснецот да помогнат да се осигури дека таму нема да се случи ништо лошо – го цитираше „Фајненшл тајмс“ Трамп во осумминутниот телефонски разговор.

-Ако нема одговор или ако одговорот е негативен, мислам дека тоа ќе биде многу лошо за иднината на НАТО – изјавил Трамп за „Фајненшл тајмс“, нагласувајќи дека, за разлика од Соединетите Американски Држави, Европа и Кина се силно зависни од нафтата од Заливот.

Само еден ден претходно, Трамп повика „многу земји“ да обезбедат воена поддршка за да помогнат во обезбедувањето сигурен премин за комерцијалните бродови низ теснецот.

Сообраќајот низ тесниот воден пат речиси колабираше поради безбедносни грижи по американско-израелските напади врз Иран и одговорот на Техеран. Околу една петтина од глобалните пратки на нафта вообичаено поминуваат низ теснецот секој ден.

-Ги удираме многу силно – вели Трамп за „Фајненшл тајмс“ во врска со Иран, пренесува ДПА.

-Не им преостана ништо друго освен да прават мали проблеми во теснецот, но овие луѓе (сојузниците) се корисници и треба да ни помогнат во полициското обезбедување. Ние ќе им помогнеме. Но, и тие треба да бидат таму. Потребни се многу луѓе за да пазат на неколкумина – додава американскиот претседател.