ОДБОЈКА
Финалниот турнир во Купот на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) 2026 во машка и женска конкуренција, по пауза од 15 години, ќе се врати во главниот град, откако Извршниот одбор (ИО) на ОФМ одлучи тој да се одржи од 26 до 28 март годинава во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Федерацијата ја задржува традицијата најдобрите четири екипи во Куп-натпреварувањето кај мажите и кај жените низ тридневна програма да ја направат распределбата на првите трофеи во сезоната. Завршницата во Купот во машка конкуренција ги има истите учесници како и лани, бранителот на пехарот Штип УГД, ланскиот финалист Струмица 47/72, како и ГОК Борец и Работнички 71/22. Кај девојките, пак, Наковски волеј ќе ја брани титулата пред Младост УГД, Вардар ЕМ и Газели волеј, екипи што испишаа клупска историја и за првпат ќе играат на еден фајналфор-турнир во Купот.
Македонската радио-телевизија ќе врши директен пренос на сите дуели, а дефинирано е на 26 март да се играат полуфиналните мечеви во женска конкуренција, со термини од 17.30 часот, односно 19.30 часот. Во истите термини ден подоцна се полуфиналните дуели кај мажите, додека на 28 март ќе се играат финалињата. Женското финале ќе започне во 17.30 часот, додека машкото во 19.30 часот. Ждрепката за полуфиналните двојки во двете конкуренции е предвидено да се одржи следната седмица во присуство на претставници на екипите учеснички, а датумот, времето и местото на одржување на ждрепката дополнително ќе бидат потврдени, велат од ОФМ. Г.И.
































