Е, дојдовме до дереџе – неподносливо тешка состојба – кога најчесто употребувани зборови се војна, крвнина, уривање, уништување, рамнење со земја. За човечките загуби, малку значајно. Веројатно луѓето ќе ги замени вештачка интелигенција – алгоритам од којзнае колку податоци смислени во главите на умните. За да ѝ се парира, потребна е ментална активност за да не закржлави мозокот. Само што му ја збуфтаа екстра-луксузната зграда на „Амазон“ во емиратите, брендот отпушти над 17.000 вработени. Замислете си што ќе се случи ако им уништат уште пет згради низ светот. Бомби или бомбишта ја тресат земјата од Иран до Блискиот Исток. Облаци од темна маса опасна по живот се накреваат од разорените нафтени полиња или рафинерии. Од густиот чад, не може да се види небото. Градите стенкаат за капка кислород. Емиратите се испразнија. Улиците и плажите се пусти. Замислете, а штотуку доаѓа величествениот период од годината, нејзиното височество пролетта! Разеленети ледини, срамежлив прелив од боја на никулците по шумите, снежни капчиња на планинските врвови, жубор на гневни потоци и планински реки. Прекрасна звучна рапсодија на затоплување, питомина и шареноликост како величествен природен дар. Колоратура што ја топли душата, го разигрува срцето и го мами погледот со нејзината убавина. Но таму некаде, далеку ама и мошне блиску, луѓето бараат чаре во скривниците, подрумите и каде не, само за да извлечат жива глава од огнените комети што паѓаат на кутрата песочна или каква сѐ не почва што ќе закрепнува со години од гадотиите истурени врз неа. Полека се надвиснува економска криза, пропаѓа туристичката сезона. Шеиците не се научени на зорт.
Мал град на Дивиот Запад во подножјето на Карпестите Планини. Природата го надарила опкружувањето со зелени површини и плодна почва. Трева за стоката и овците. Но единствениот извор за вода од која зависат голем број ранчови му припаѓа на сопственик што дошол пред сите на оваа територија. Се разбира, тој има тапија за државна концесија или сопственост на изворот. Градот го води корумпиран судија во коалиција со дебел банкар. Со нив соработува и уште една видна личност, која со својот салун и борделот со дами се грижи за саботна забава на многубројните каубои. Зад него, еден куп сурови пиштолџии што заведуваат ред. Во нивно друштво е и најголемиот сточар. Неговиот ранч е најголем, крупната стока во огромен број. Тој на колегата ранчер му нуди паричен износ за да го запише изворот како своја сопственост. Се разбира, овој одбива, но остава можност заедно да го користат. По морковот, доаѓа стапот. Сопственикот на изворот е во страшни проблеми. Дискретно, за сите што нешто значат во градот, матните работи ги врши месниот шериф избран на демократски избори. Што мислите, кој е фалинка во ова класично сценарио за еден спектакуларен вестерн-филм? Се разбира, еден домороден Индијанец, хипотека што малиот ранчер ја има во месната банка со која е уценет и … осамениот јавач, кој доаѓа којзнае од каде и продолжува којзнае каде само за да ја истера правдата. На сила одговара со сила како единствена можност против неправдата. Откако ефектно ќе ги разбуца натрапниците, слично како и Че Гевара, ќе продолжи по својот пат за да дели правда по светот. Самиот не е свесен за тоа дека е романтичар – идеалист. А ние кутрите ќе ја сожалувавме прекрасната девојка, ќерка на ранчерот, која ќе остане со солзи во очите очекувајќи го да ѝ се врати. Потоа доаѓа демократијата со сиот раскош. Ако ве интересира, осамениот беше никој друг туку Џон Вејн. Подоцна во шпагети-вестерните, рамо до рамо со него застана вечниот каубој Клинт Иствуд. Тој беше побрз на чкрапало дури и од камерата. Како и да е, ни го разубавија животот во таму некаде далечните педесетти-шеесетти години од минатиот век. Впрочем, кој не посакуваше да обезбеди билет за да се најде во преполните киносали за да изгледа една величествена сторија од Дивиот Запад? Тоа го правеле дури и Сталин и Тито. Откако тие ќе ги изгледале вестерните, веднаш ги преземала дистрибуцијата. Да не бидеме малициозни, па да посочиме дека сето тоа како да се случува и денес иако врвните Нострадамуси од тајните служби на големите не предвидуваат. Тие едноставно проектираат настани поврзани со иднината. Е, сега, овде во горната сторија, станува збор за извор за вода. Денес нафтата и нафтените извори, ама и ретките минерали се причина за сурови воени пресметки. Што се однесува до водата што живот значи, веројатно таа ќе биде подоцна на агендата на Арес. Истото тоа важи и за воздухот што го дишеме. Да е жив и здрав Роберт Земекис, кој атрактивно нѐ внесе во филмска авантура со која ќе можеме да прошетаме низ времето и повторно да се вратиме во иднината заедно со Мајкл. Џ. Фокс и налудничавиот професор Кристофер Лојд. Оти ова што го гледаме денес на боиштата, се чини како дежа ви (веќе видено).
Noblesse oblige – на француски значи дека статусот обврзува. Тоа е израз со кој се опишува концепт на припадност на елитата. Толкувањето е дека секој припадник на племството со повластениот статус што го ужива, со себе повлекува одговорност и обврски за другите луѓе од пониските слоеви на општеството. Тоа значи дека и стандардите на неговото однесување се многу построги од вообичаено. Тој би требало да внимава на секој изговорен збор, на секоја своја постапка што обврзува. Елитата мора да внимава на сето тоа бидејќи критиките доаѓале најпрвин од оние еднакви на себе. Значи постоеле дами кај жените и џентлмени кај мажите. И бидејќи денес со политика и значајни државни и државнички работи се занимава денешното племство, кое води потекло од редот на милионерите, олигарсите, шеиците и секако политичарите, нивото на меѓусебната комуникација не е само ниско туку и безобразно. Попусто е интелектуалната бижутерија да се нарекува елита или племство со педигре, традиција и критериум прилежен за интелект кога сведоци сме на тоа што се случува пред медиумите. Ретко ќе се случи однесување што заслужува респект. Наместо тоа, сведоци сме на дрскост, непочит и примитивизам како одраз на неприкосновеност и моќ. Настрана можноста на јавноста да ѝ се претстави вистината, која, сите добро знаеме, умира прва во предвечерјето на прво истреланата граната.
Веројатно сите ние очекувавме нов циклус на просперитет во овој нов милениум. За жал, во досегашниот четврт век видовме само страдања, војни и деградација на човечкиот разум. Колективен страв или колективно збудалување. Ретки се реакциите дури и од страна на интелектуалната фела. Можна ли е изразена девастација на вредностите и на сето она што гордо нѐ прави луѓе со ум и разум? Или… можеби парата е виновна за обезличувањето?
Можеби светот и цивилизацијата се забегани. Можеби тоа е плод на сѐ понизок квантум на интелект на сметка на материјалните придобивки. Можеби е време и за вештачка интелигенција бидејќи сѐ почесто се потпираме на неа. Сакаме сѐ да оди прекутрупа, како што велеле старите. Но никој не се сети дека не треба да се брка времето низ процесот на алчност и запоставување на вистинските вредности оти тоа без милост нѐ прави само обични патници низ животот. И добро внимавајте на начинот на кој комуницирате… не користете го дијалектот на закани и агресивност туку изразете почит кон соговорникот. Особено ако е дел од политичката елита. Оставете тој да го прави тоа, бидејќи го сметаат за сценска атракција.
Љубомир Јованоски
Авторот е писател
































