На големо задоволство на кавадаречката театарска публика, на 7 март 2026 година во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ се одржа премиерата на урнебесната комедија „Тестостерон“. Претставата е во режија на Јордан Витанов, а работена според текст на полскиот драматург Анджеј Сарамонович.
Режисерот Јордан Витанов, кој добро го познава потенцијалот на актерите од кавадаречкиот театар, со внимателно избрана актерска екипа создаде динамична и духовита претстава која ја обработува вечната тема на љубовта и односите меѓу мажите и жените.

Претставата „Тестостерон“ низ интелигентен хумор и брз сценски ритам ги отвора прашањата за современите машко-женски односи, но и за предизвиците на модерната машкост, прикажани низ призмата на клучниот машки полов хормон – тестостеронот.
Со прецизна режиска поставеност и силна актерска игра, претставата прераснува во современа социјална сатира и психолошка комедија, во која смеата е повод за размислување. Делото е адаптирано на локалниот контекст, што дополнително ја доближува приказната до публиката.

Во претставата настапуваат актерите Диме Коцевски, Видан Станоев, Диме Боцев, Александар Малинков, Никола Деков, Сашко Орешков и Томе Атанасов.
Публиката премиерата ја награди со бројни аплаузи на отворена сцена, а големиот интерес се потврдува и со фактот дека претстојните изведби се однапред распродадени.
Станува збор за претстава со исклучиво машка актерска екипа, во која во текот на целото дејствие се зборува за жените и за комплексноста на машко-женските односи.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.
М.М.



































