Фото: Твирер/Антонио Гутереш

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предупреди дека растечките тензии и воените напади на Блискиот Исток и во регионот на Персискиот Залив носат ризик од поширока ескалација што би можела да излезе од контрола.

Тој оцени дека нападите предизвикуваат големи последици за цивилното население и претставуваат сериозна закана за глобалната економија, особено за најранливите земји.

Гутереш ги повика сите страни да ги прекинат борбите и да се насочат кон сериозни дипломатски разговори, нагласувајќи дека последиците од понатамошна ескалација би можеле да бидат многу сериозни.

Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, изјави дека генералниот секретар ќе продолжи со дипломатски контакти со релевантните актери со цел да се поттикне враќање на преговорите. Тој предупреди дека евентуално влошување на ситуацијата може дополнително да ја загрози безбедноста во регионот, како и глобалното снабдување со енергија, што веќе се одразува преку раст на цените на нафтата.