Извештајот на Државниот завод за статистика (ДЗС) како повод
- Во економската теорија, транспортот се смета за „деривативен сектор“. Неговиот обем директно зависи од индустриското производство, трговијата и од извозот. Оттука, ваквиот раст кај патниот и авиокарго-превозот сигнализира засилена економска активност, зголемена трговска динамика и подобра интеграција на домашните компании во меѓународните синџири на снабдување
Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) за последниот квартал од 2025 година откриваат силно придвижување во логистичкиот сектор, што вообичаено претставува ран индикатор за економски циклус. Имено, товарниот патен превоз бележи експанзија од 66,7 проценти, во споредба со истиот период од претходната година, додека карго-превозот во авиосообраќајот расте за 23,7 проценти.
Но, наспроти тоа, железничкиот товарен транспорт опаѓа за 13,4 проценти. Во економската теорија, транспортот се смета за „деривативен сектор“. Неговиот обем директно зависи од индустриското производство, трговијата и од извозот. Оттука, ваквиот раст кај патниот и авиокарго-превозот сигнализира засилена економска активност, зголемена трговска динамика и подобра интеграција на домашните компании во меѓународните синџири на снабдување.
Поврзаноста со БДП, индустриското производство и со извозот
Ако се земе предвид структурата на македонската економија, каде што индустријата и извозно ориентираните капацитети имаат значајна улога во создавањето на бруто-домашниот производ (БДП), тогаш порастот на товарниот транспорт најчесто теориски кореспондира со зголемено индустриско производство, со повисок извоз на стоки, со поголем обем на увоз на репроматеријали и енергенти, како и со интензивирана внатрешна трговија.
Патниот транспорт, кој е најфлексибилен и најчесто користен во краткорочните синџири на снабдување, во моментов доминира како носител на логистичката експанзија. Растот од 66,7 проценти е индикативен за зголемена активност во градежништвото, трговијата на големо и мало, како и во индустриските зони.
Авиокарго-сегментот, со пораст од 23,7 проценти, обично се поврзува со извоз на производи со повисока додадена вредност и со побрза обртност – електронски компоненти, фармацевтски производи и специјализирана индустриска опрема. Тоа упатува на структурно подобрување на извозната кошничка и зголемена конкурентност на компаниите на меѓународните пазари.
Железницата во транзиција: Краткорочен минус – долгорочен потенцијал
Намалувањето од 13,4 проценти кај железничкиот товарен превоз, според експертите, е резултат на тековните инфраструктурни зафати на делниците од коридорот 10. Овие активности привремено го ограничуваат капацитетот на железничкиот транспорт, но претставуваат капитална инвестиција во долгорочната продуктивност на економијата.
Железничкиот транспорт, по правило, обезбедува пониски трошоци по единица превезена стока, повисока енергетска ефикасност и помал јаглероден отпечаток. Затоа, неговата модернизација има директна врска со намалување на логистичките трошоци на компаниите, зголемување на извозната конкурентност, подобрување на трговскиот биланс, привлекување странски директни инвестиции…
– Доколку инвестициите се реализираат според планираното, на среден рок се очекува падот да биде заменет со пораст, што би имало позитивен ефект врз потенцијалниот економски раст – велат наши соговорници што го анализираат извештајот на ДЗС.
Патничкиот транспорт како индикатор за мобилност и за развој на услужниот сектор
Во последниот квартал од 2025 година, во патниот сообраќај се превезени 925.000 патници, додека во авиосообраќајот 889.153 патници. Порастот во воздухопловниот патнички сообраќај се поврзува со владините мерки за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии, што директно влијае врз туризмот, деловните патувања и развојот на услужниот сектор.
Единствен пад кај патничкиот сообраќај има во железничкиот транспорт, со 34.000 превезени патници. И тука причините се лоцираат во инфраструктурната модернизација и ограничената оперативност во транзицискиот период.
– И овде е слична состојбата, но потенцијалот е во нагорна линија, што се цени како многу добра линија за раст и развој. Зголемената мобилност, особено во авиосообраќајот, индиректно придонесува за раст на туризмот и угостителството, хотелската индустрија, деловните услуги, прекуграничната економска соработка – тврдат нашите соговорници.
Инфраструктурата како мултипликатор на растот
Според ставот на нашите соговорници, економисти и професори по економија, структурата на показателите укажува дека патниот и воздушниот транспорт моментално ја носат тековната економска динамика, додека железницата се наоѓа во фаза на структурна трансформација и се чека токму тука неминовната експанзија, на среден рок.
– Суштинската на поента е поширока и подлабока. Без развиена инфраструктура, нема одржлив економски раст. Инфраструктурните инвестиции имаат двоен ефект. На пример, краткорочно, тие го стимулираат градежниот сектор и ја зголемуваат домашната побарувачка. Но, долгорочно, ја зголемуваат продуктивноста, ја намалуваат цената на транспортот и ја подобруваат конкурентноста на економијата.
Оттука, логистичките бројки на ДЗС не се само статистички показател. Тие се дел од пошироката економска слика во која инфраструктурата претставува темел на развојот. Доколку модернизацијата на железничката мрежа и другите капитални проекти се реализираат со предвидената динамика, Македонија може да влезе во фаза на постабилен и повисок потенцијален раст – заснован не само на тековна трговска експанзија туку на структурно подобрена економска основа, тврдат нашите соговорници со кои разменивме мислења, а директниот повод ни беше најновиот извештај на ДЗС. Е.Р.
































