Народна банка на Република Македонија будно ги следи случувањата поврзани со конфликтот на Блискиот Исток и е подготвена да преземе соодветни мерки доколку се појават поизразени и подолготрајни последици врз домашната економија, посочи вицегувернерката Ана Митреска.
– Засега, најверојатните сценарија се умерени, со оцени за побрзо смирување на воените операции, ограничени ефекти врз снабдувањето и цените на енергентите и помали економски последици. Доколку дојде до ескалација и ако се покаже дека ефектите од конфликтот се подолготрајни, со посилни притисоци врз инфлацијата и девизните резерви, централната банка има простор да реагира со повеќе инструменти за стабилизација што ѝ стојат на располагање – истакна Митреска во интервју за Телевизија „Телма“.
Митреска појасни дека евентуалното зголемување на светските цени на енергентите може да се пренесе во земјава преку директни и индиректни канали. Директните ефекти би значеле пораст на домашните цени и на вредноста на увозот, додека индиректните би се почувствувале преку економските движења кај трговските партнери, особено во земјите од Европска Унија.
Според неа, досегашните процени за влијанието на конфликтот врз европската економија укажуваат на ограничени ефекти врз инфлацијата и растот, односно не се очекуваат значајни промени во надворешното економско окружување од оваа перспектива.
– Народната банка постојано ги следи состојбите и можните ефекти врз македонската економија. Во изминатите години, напоредно со справувањето со кризите, градевме дополнителен простор и капацитет за ублажување на можните нови шокови. Девизните резерви во моментов се околу 70 проценти над нивото пред пандемијата, а отпорноста на банкарскиот систем според сите параметри, дополнително зајакна во изминативе неколку години. Оттука, нема дилема околу континуитетот во одржувањето на стабилноста на девизниот курс и на вкупната макроекономска стабилност – вели Митреска.
































