Фото: ЕПА
  • Во современата геополитика, директните конфликти ретко се сведуваат само на нивните декларирани цели. Кога станува збор за евентуален комбиниран американско-израелски удар врз Иран, официјалното образложение е спречување на нуклеарните амбиции на Техеран, елиминација на заканата, ослабување на режимот… Но тие тврдења веројатно претставуваат само површински слој за многу подлабока стратегија и цели. Ако анализата ја поставиме во поширок геоекономски и геополитички контекст, се наметнува хипотезата дека вистинската цел не е само Техеран туку и Пекинг. Поточно, дека ударот врз Иран претставува индиректен, но системски удар врз енергетската безбедност на Кина. Зошто?

Иран е една од клучните земји во кинеската енергетска архитектура. Кина, како втора најголема економија во светот, е и најголем увозник на нафта. Голем дел од тие количества доаѓаат од Блискиот Исток, а Иран, и покрај санкциите, останува многу важен снабдувач за нафта. За Пекинг, Иран не е само извор на нафта и гас. Згора на тоа, Иран е стратешки партнер во рамките на иницијативата „Појас и пат“. Иран е и географска раскрсница меѓу Азија, Блискиот Исток и Европа, а секако со своите политики Техеран е противтежа на американското влијание во регионот
Секоја сериозна дестабилизација на Иран на некој начин ја погодува и кинеската енергетска стабилност. А во време кога економскиот раст и технолошката конкуренција со САД се во полн ек, сигурното снабдување со енергенти е прашање на национална безбедност за Кина.

Контролата на енергентите како инструмент за глобална доминација

Историјата на американската надворешна политика покажува дека контролата на клучните енергетски точки е централна алатка на геополитичката моќ. Од Персискиот Залив до Ормускиот Теснец, САД традиционално настојуваат да ја задржат воената и политичката доминација во зоните каде што се концентрирани најголемите светски резерви на нафта. Во еден таков овој контекст, евентуалниот удар врз Иран може да се чита како „превентивно ограничување на кинеската енергетска автономија“, односно сигнал до Пекинг дека американската флота и сојузници го контролираат „енергетското врело“ на светот. Вашингтон на овој начин прави пресинг на кинеската економија преку зголемување на ризикот за (не)снабдување на Кина и, се разбира, цената на нафтата. Енергетската нестабилност значи поскапа нафта. Поскапа нафта значи поскап транспорт, индустриско производство и извоз.

Геоекономска војна: Од трговски тарифи до воени интервенции

Конфликтот меѓу САД и Кина веќе одамна ја надмина фазата на трговски спор.
Трговската војна, санкциите за технологии, рестрикциите за полуспроводници и притисоците врз компании како „Хуавеи“ претставуваат само дел од пошироката стратегија на стратешко совладување. Во еден таков поширок резон, Иран станува уште една точка од судирот на гигантите САД и Кина, но индиректна. Наместо директна воена конфронтација со Кина, која би била ризична и глобално дестабилизирачка, Вашингтон избира да нишани на кинеските клучни партнери и ресурси, во случајов – Иран. Тоа е стратегија на притисок со водење геоекономска војна.

Новиот светски поредок и американската амбиција за примат во него

Хипотезата дека САД поставуваат темели за нов меѓународен поредок – условно наречен „Обединети нации 2.0“, подразбира редефинирање на глобалните институции според американските интереси. Во таков поредок, амбициите на САД се апсолутно доларот да остане доминантна резервна валута, а енергетските текови да се под (ин)директна западна контрола. За САД, односно за оваа администрација во Вашингтон, Русија не е прв противник на геополитичката сцена. Тоа е – Кина! Затоа, со сите овие потези на светската шаховска табла, во заднина на длабоката стратегија на САД е да се ограничи Кина во експанзијата.
Па така, Иран, како земја што соработува со Кина и Русија, и која прифаќа алтернативни платни механизми надвор од доларот, таа претставува предизвик за тој систем. Оттаму, ударот врз Иран не е само поведена воена акција туку порака дека алтернативниот блок нема да добие лесен пристап до стратешките ресурси. П.Р.


Индиректниот удар како стратегија во светската геоекономска војна

Современите големи сили ретко влегуваат во директен судир. Наместо тоа, тие се натпреваруваат преку прокси-конфликти, економски санкции, технолошки рестрикции, контрола на синџирите на снабдување итн… Во таа рамка, американски удар врз Иран може да се интерпретира како дел од долгорочна стратегија на ограничување на кинескиот подем. Токму тоа е еден индиректен удар во рамките на една светска геоекономска војна. Ако Кина остане без стабилен и евтин пристап до иранската нафта, нејзината глобална експанзија се соочува со структурен ризик. П.Р.


Кина и иранската нафта

Кина во последните години се позиционира како убедливо најголем купувач на иранска нафта, во услови кога западните санкции значително го ограничија пристапот на Техеран до глобалните пазари. Според процените на водечките аналитички компании за следење на енергетските текови, речиси 90 отсто од иранската нафта што се извезува завршува токму на кинескиот пазар.
Оваа енергетска поврзаност и соработка на релацијата Иран-Кина не е само економска туку има и јасна геополитичка димензија.
Кина во 2025 година увезувала меѓу 1,3 и 1,8 милиони барели иранска нафта дневно, зависно од месецот и динамиката на испораките. Во одредени периоди, увозот достигнувал и историски максимум од околу 1,8 милион барели дневно.
Овие количества претставуваат приближно од 13 до 15 проценти од вкупниот кинески увоз на нафта по морски пат, што е значителен удел за една земја под строги меѓународни санкции. Од друга страна, за Иран, Кина е речиси единствениот стабилен и голем купувач, што ја прави оваа релација витална за иранската економија.
Според информации од специјализираните медиуми, иранската нафта најчесто се продава со значителен попуст во однос на глобалните реперни цени, што ја прави исклучително атрактивна за купувачите, вклучително и кинеските независни рафинерии. Дополнително, поради санкциите, дел од иранската нафта формално се извезува преку посреднички канали и се евидентира како потекло од други земји, што ја отежнува прецизната статистичка евиденција. Ваквите информации ја потврдуваат стратешката важност на иранската нафта за кинеската економија. Секое сериозно нарушување на иранскиот извоз, било преку санкции, воени ескалации или блокада на поморските маршрути, директно би влијаело врз енергетската стабилност на Кина. Токму таму удираат и САД, со својот најсофистициран арсенал, во центарот на енергетските светски изворишта, бидејќи токму енергентите остануваат клучен инструмент на влијание и моќ. П.Р.


Иран како шаховска фигура во дуелот САД-Кина

Во геополитиката, директната цел често не е и вистинската цел. Доколку конфликтот со Иран се разгледа низ призма на глобалната конкуренција меѓу Вашингтон и Пекинг, станува јасно дека енергетиката е клучната оска.
Ударот врз Иран, во таа аналитичка рамка, може да се толкува како удар врз кинеската енергетска сигурност, притисок врз кинеската економија и демонстрација на американска контрола врз клучните енергетски точки. Со други зборови, ако Иран е бојното поле, тогаш вистинскиот противник можеби е Кина. А во свет во кој енергентите остануваат темел на индустриската и воената моќ, секој конфликт околу нафтата е, во суштина, конфликт за идниот светски поредок. П.Р.


Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји разговараше по телефон со иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи

Аракчи: САД ја започнаа војната во ек на мировните преговори

  • Кина го цени традиционалното пријателство меѓу Кина и Иран и го поддржува Иран во одбраната на суверенитетот, безбедноста, територијалниот интегритет и националното достоинство, како и во заштитата на легитимните и законски права и интереси

Членот на Политбирото на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина и кинески министер за надворешни работи, Ванг Ји, разговараше по телефон со иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи. Аракчи го информираше својот кинески колега за најновата ситуација во регионот, велејќи дека САД по вторпат започнаа војна против Иран за време на преговорите меѓу Иран и САД. За време на оваа рунда преговори беше постигнат позитивен напредок, но постапките на американската страна го прекршија меѓународното право, газејќи ги црвените линии на иранската страна, а иранската страна нема друг избор, мора целосно да се одбрани. Кинеската страна јавно го изрази својот став дека Пекинг ќе продолжи да игра позитивна улога во спречувањето на ескалацијата на регионалните тензии. Ванг Ји го повтори принципиелниот став на Кина за моменталната ситуација во Иран, велејќи дека Кина го цени традиционалното пријателство меѓу Кина и Иран, го поддржува Иран во одбраната на неговиот суверенитет, безбедност, територијален интегритет и национално достоинство, како и во заштитата на неговите легитимни и законски права и интереси. Ванг Ји рече дека Кина веќе ги повика САД и Израел веднаш да ги прекинат воените дејствија, да спречат понатамошна ескалација на тензиите и да спречат ширење на конфликтот на целиот Блиски Исток.
– Веруваме дека иранската страна, која во моментов се наоѓа во тешка и сложена ситуација, може да ја одржи стабилноста на државата и општеството, да обрне внимание на разумните загрижености на соседните земји и да ја заштити безбедноста на кинеските граѓани и институции во Иран – рече Ванг.
Аракчи додаде дека иранската страна е подготвена да вложи максимални напори за да ја обезбеди безбедноста на кинескиот персонал и институции. Р.С.