Ватикански суд ја изрече првата пресуда под обвинение за перење пари во историјата на Светата столица, јави ДПА.
Како што соопшти денеска Прес-службата на Ватикан, пресудата му е изречена на италијанскиот трговец со недвижен имот Анџело Пројети, кој е осуден на две години и шест месеци затвори и конфискација на над еден милион евра.
Конфискуваните средства се пари на Пројети депонирани во Банката на Ватикан, чиј официјален назив е Институт за верски активности, што беа замрзнати кога започна истрагата против него во 2014 година.
Во соопштението на Прес-службата се посочува дека оваа пресуда е од клучно значење во контекст на напорите на Ватикан да ја подобри својата репутација кога станува збор за борбата против финансиските злоупотреби и криминал.
Експертскиот комитет за оценка на мерките против перењето пари и финансирањето на тероризмот при Советот на Европа лани во декември го критикуваше Ватикан дека не спровел целосна судска постапка во ниту еден случај на перење пари.
Ватикан се обидува да постигне напредок во финансиската транспарентност, откако со децении Ватиканската банка беше обвинувана дека пере илегално стекнати пари на италијанската мафија и на лица кои затајувале данок.