Фото: Маја Јаневска-Илиева

Шоуто за сите генерации, „Златна бубамара на популарноста“, се одржа по 29. пат, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Најпопуларната манифестација кај нас го оправда мотото под кое се одржа годинава – „Апсолутна власт, апсолутна забава“, за што беше најзаслужно комичното дуо Атанас и Тино. Публиката уживаше во вечер исполнета со смеа, музика и актуелни теми од домашната сцена. Атанас и Тино со своето стендап-шоу ја кренаа атмосферата во преполната сала, осврнувајќи се на случувањата во Македонија. Нивните шеги за политичката реалност предизвикаа силни реакции и аплаузи во салата. Сашко Коцев оваа година не настапи поради оправдани причини, но испрати поздрав до присутните. Дел од програмата и оваа година беше неповторливиот Игор Џамбазов.
Настапија низа домашни и музичари од регионот, како охридскиот џезер Владимир Четкар, кој беше прогласен за најпопуларен џез-артист на годината, потоа Александра Радовиќ, која беше прогласена за најпопуларна пејачка во регионот, Дражен Жериќ-Жера („Црвена јабука“), кој доби награда за трајни музички вредности, Весна Писаровиќ, Тони Зен, кој ја зеде статуетката за најпопуларен поп-артист, и други познати естрадни имиња, како и младата македонска гордост Тина Русева, која беше наградена за најперспективна млада пејачка.


Легендарниот Круме Спасовски ја доби наградата за животно дело, а во салата зазвучи неговата неповторлива „Чудна жена беше Вера“. Наградата за трајни вредности ја освои актерката Снежана Конеска-Руси, која со децении ја докажува својата професионалност во театарот. Посебно признание доби маестро Дамир Имери, а наградата му ја врачи Влатко Стефановски. Награди добија и младите актери Нина Елзесер и Тони Денковски, а наградата за најдобра театарска претстава ја доби „Пар распар“ на „Театар комедија“. Наградата за трајни музички вредности ја доби Дамир Имери, а за животно дело во уметноста – Васко Ташковски. За регионално откритие на годината беше прогласен Јаков Јозиновиќ. За хит на годината беше прогласена песната „Тејк ми“ на Слаткаристика и Калиопи, која исто така беше прогласена и за пејачка на годината. „Бубамарата“ за спортска легенда му беше врачена на Владо Илиевски, за фолк-концерт на годината на Влатко Миладиновски, за пејач на годината на Владо Јаневски.


Во преполната сала посебно внимание привлече легендарната американска соул-ѕвезда Марта Хај (81), која важи за вистинска соул-божица, на која ѝ беше доделена „бубамара“ за животно дело. Таа е најпозната по 32-годишната соработка со Џејмс Браун како негов прв придружен вокал. Во својата богата кариера настапувала и со Литл Ричард, Џери Ли Луис, „Темптејшнс“, Арета Френклин, Б.Б. Кинг, Стиви Вондер, Принс, Мајкл Џексон и „Полис“. Вечерта ја испеа култната песна „I Feel Good“. Нејзиното појавување предизвика воодушевување кај публиката.
Манифестацијата традиционално ги обединува најпознатите пејачи, бендови, актери, водители и јавни личности, а публиката очекува спектакуларна продукција, духовити скечеви и актуелна сатира инспирирана од политичките и општествените случувања во изминатата година. На сцената беа доделени награди во повеќе категории – за најдобра песна, најпопуларен изведувач, откритие на годината, албум на годината, како и специјални признанија за долгогодишен придонес во музиката и културата. Покрај наградите, публиката уживаше и во ексклузивните настапи и изненадувања што традиционално се дел од шоуто. „Златна бубамара“ важи за настан што не е само доделување награди туку и вистински сценски спектакл исполнет со смеа, музика и емоции. Салата секоја година е исполнета до последното место.