Многу политичари и политички говорници видовме и слушнавме во овие 35 независни години. Кој подобар, кој полош, кој никаков. Некои знаеја да привлечат народ, некои стануваa одбивни веднаш штом ќе отвореа уста. Се избеседија илјадници говори што се заборавени од публиката уште утрешниот ден, како од поддржувачите така и од противниците. Ништо чудно и необично: говорништвото никогаш не престанало да биде актуелно во разни времиња, облици и поднебја, во разни ситуации, во војна и во мир.
Според краткото објаснување во нашите речници, „говор“ е устен јазик, начин на зборување, територијален јазик или зборување пред собир на луѓе. Не е некоја мудрост да се каже дека говорници се оние што држат говори. Ги има неколку категории. Оратор е човек со дарба да држи говори, добар говорник пред публика, пред народ. Ретор е славен говорник или учител по говорништво, слично на оратор и беседник. Беседник е тој што држи беседа, а беседа е говор што се држи при свечен собир или специјално напишан текст посветен на нешто значајно, на празник. Беседата е составена главно од пофалби, поученија и пораки. Во македонската рана христијанска историја такви, на пример, биле беседите на Свети Климент, а последните две децении на архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана прима, неговото блаженство г.г. Стефан.
Ораторите, реторите, беседниците се јавуваат во Европа уште од времето на Хомер, под што се подразбирало дека тоа се речити луѓе, елоквентни, интелигентни, меѓу кои имало и викачи и хушкачи. Така било од памтивек во Атина и Рим, така е денес во Лондон, Париз, Москва, од Вашингтон до Скопје или обратно, од Доналд Трамп до нашата Гордана Сиљановска-Давкова.
Во римската историја, челното место го држи Цицерон, во елинската Демостен, познат противник на Филип Втори, кралот на Античка Македонија. Токму затоа неговите говори го носат името „филипики“, а во филипиките Демостен жестоко се бори да докаже дека Македонците не се Грци.
Од тие далечни времиња до денес е поделбата на три основни типа говорништво: судско, политичко и пригодно. Суштината на судското е во искажувањето на аргументите на тужбата и одбраната, политичко е она што настојува да убедува и поттикнува или да одвраќа од акција, а пригодно е она каде што нешто се пофалува, на лесен начин, со навидум убави зборови, кои напати може да кријат и тешки навреди.
Според повеќето теории, политичките говори (треба да) се одликуваат со красноречивост, јасност, да имаат одредена цел, да се придобие срцето на мнозинство луѓе или на цел народ. Некои го нарекуваат тоа умешност за „водење на душите на луѓето во рајот со помош на убави зборови“. Говорникот треба да поседува општа говорна култура што подразбира талент, стил, чист јазик, гласовни и артистички способности, одлики на глумец за да се убеди публиката не само да ги поддржи ставовите на говорникот туку и најефектно да застане на негова страна. Филозофот Платон, еден од основоположниците на реториката, политичкиот говор го сметал за уметност да се владее со луѓето и средство за манипулација со нивните чувства и страсти. И отров со кој се убива демократијата.
Личноста, карактерот, доследноста, дури и физичкиот изглед на говорникот се добра или лоша препорака за публиката. Секој говорник се труди да му даде извесна морална нотка на својот говор, додавајќи и нужна доза на патетика. Се смета дека самиот говорник тешко може да убеди некого ако не ги поседува моралните квалитети и не ги почитува моралните норми што ги налага општеството.
Востановено е дека кога немаат аргументи да ги објаснат своите политички верувања, многу говорници се служат со реторички трикови, заобиколувајќи ја вистината. Тогаш цитираат големи автори од минатото или од современиците, цитираат познати мудри изреки, пословици или наменски стихови на поети. Сето тоа дејствува врз емотивното „пумпање“ на неупатената публика, некогаш предизвикува громки аплаузи и овации, некогаш негаторски извици.
Политичкото ораторство не е само едноставно излагање пред неинформирана маса, тоа стана мултидисциплинарно, вклучува многу аспекти клучни за придобивање поединци или целни групи. Сите тие аспекти денес се опфатени и дефинирани и со нови науки, како што се психолингвистиката, комуникологијата, социолингвистиката, невролингвистиката и други науки со чудни и комплицирани имиња што сѐ уште се далечни од нашите македонски простори, од нашите факултети, уште подалеку од нашите политичари.
Елементи од овие дисциплини сѐ уште не може по да се забележат во говорите на нашите политички претставници, лидери на партии, пратеници, портпароли и други политички претенденти. Еден таков вешто комбиниран, дипломатско литерарен, митолошки, а реалистичен, невообичаен говор одржа неодамна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, кој, за жал, беше критикуван од некои опозиционери што немаат врска со движењата во модерната дипломатија.
Многубројни се примерите кога убави беседи, вистински говори, се случувале во кризни ситуации, при пресвртни, историски настани, кога самите ситуации раѓале беседници што пред тоа ниту биле познати, ниту се одликувале со некоја реторичност, ниту, пак, имале образование или биографија со која можат да се пофалат. Во такви околности покажувале силна моќ на убедување, поттикнувале бура емоции и предизвикувале масовно одушевување.
Се разбира, многумина од нив станувале водачи и историски личности. Наполеон, Абрахам Линколн, Ленин, Винстон Черчил, Шарл де Гол, Адолф Хитлер, Мартин Лутер Кинг, Нелсон Мендела, секој во своето време и околности ги преврте, ги пренасочи историските процеси, не само на своите земји туку и во светот. Нивните и говорите на неколкумина други лидери оставија неизбришливи траги, кои го одбележаa не само светското говорништво туку и светскиот тек на историјата.
Но да не заборавиме: има одлични говорници што се слаби политичари, како што има слаби говорници во јавност, а одлични политичари во пракса. Овде не ја спомнуваме демагогијата, политичка доблест што го краси секој способен и успешен политичар, ниту пак често практикуваната техника да се жртвува вистината во име на некои виши, непроверени и непотврдени цели. Или цели само на одредена група луѓе.
Сепак, ретко за кој човек, истакнат јавен деец, политичар или лидер, има неподелени мислења за неговата работа или за неговите јавни настапи. Секогаш едни го бранат, други го напаѓаат. И одбраната и нападот се служат со факти, но уште повеќе со гласини и трачеви, со измислици и просто неверојатни приказни, кои неретко надвладуваат над фактите. Како што е во светот така е и кај нас: ако сака некој јавно да те нападне, ќе се послужи со сите средства, ќе ти ги спомне не само живите туку ќе ти ги откопа и мртвите од гробот. Ако сака да те пофали, обично му недостигаат зборови.
Темата ќе биде осиромашена ако во тој контекст не се каже дека зад добрите и добронамерни беседници секогаш скриени во ќош чекаат настап разни муватори, урлатори, грлодерачи и повикувачи на линч, хушкачи, провокатори, лажни поттикнувачи, подбуцнувачи, фолиранти, кавгаџии, ширачи на омраза. Со својата вулгарност и агресивност и со обидите да го разбудат најлошото и најзлобно кај луѓето, ја загадуваат околината, ја расипуваат сликата, ја поматуваат суштината и ѝ ја одземаат силата на вистината.

































