Во периодот од 16 до 22 февруари, системот „Безбеден град“ регистрирал вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци на подрачјата на градовите и долж коридорите каде што се поставени камери, пренесе МИА.
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на непочитување на дозволената брзина на движење. Од вкупниот број, дури 4.691 прекршок се за управување возило со брзина поголема од дозволената.
Покрај тоа, евидентирани се и 16 прекршоци за минување на затворен светлосен сигнал – црвено светло, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 вакви прекршоци. Во првата недела од февруари, пак, бројот на прекршоци за минување на црвено светло изнесувал дури 163. За управување возило со сообраќајна дозвола со истечена важност, во истиот период биле констатирани 203 прекршоци.
Во текот на неделата биле изречени и 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица, додека во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки. Од вкупно изречените 117 забрани, 16 се однесуваат на минување на црвено светло, а 101 на брзо возење. Од нив, 75 се за движење со брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за пречекорување над 10 километри на час и седум за брзина над 170 километри на час во ненаселено место.
Од МВР упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе за побезбедни и посигурни патишта.

































