Основното јавно обвинителство во Свети Николе соопшти дека веднаш презело мерки за обезбедување докази и поднело обвинение против 21-годишно лице. Обвинението се однесува на кривично дело нанесување телесна повреда при семејно насилство, согласно член 130 став 2 во врска со став 1, како и за противправно лишување од слобода според член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, на 19 и 20 февруари во семејната куќа во Свети Николе, обвинетиот ја ограничил слободата на движење и физички ја нападнал неговата бремена девојка.
– Ја навредувал оштетената со која живееле во семејна заедница, а потоа започнал да ја удира со тупаници. Кога девојката се онесвестила од ударите, ја однел во бањата каде ја освестил со ладна вода, по што почнал да ја влече за коса и повторно да ја удира со боксови по главата и телото. Оштетената од ударите се здобила со повеќе телесни повреди, а кога се обидела да избега обвинетиот и го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде ја држел 15 часа спротивно на нејзината волја – соопшти ОЈО.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднел и предлог за определување мерка притвор. Во тек се дополнителни проверки врз основа на исказот на оштетената, за да се утврди дали постојат и други злоупотреби од страна на обвинетиот.



































