- Карневалот е манифестација што е од голема важност за струмичани, а да се биде на чело на Организацискиот одбор е голема чест, но истовремено и голема одговорност, вели Танкица Стојанова, претседателка на Струмичкиот карневал
Струмичкиот карневал е еден од најзначајните обичаи и традиции од таков вид во Македонија, кој отишол можеби најдалеку во својата трансформација од сите традиционални игри под маски, како по времето на одржување, така и по својата цел и функција. Годинава програмските активности ќе се одржуваат до 25 февруари, а главната интернационална поворка е на 21 февруари.
– Карневалот е традиција на градот под Царевите Кули и е поврзан со верскиот празник Тримери. Струмичкиот карневал е многу стара традиција, а првите пишани извори се од турскиот патописец Евлија Челебија. Од 1994 година Струмица е член на меѓународната асоцијација на карневалските градови FECC. Карневалот е манифестација што е од голема важност за струмичани, а да се биде на чело на Организацискиот одбор е голема чест, но истовремено и голема одговорност. Сите ние растеме во карневалската магија и секоја година со душа го чекаме карневалот, па затоа и велам дека е голема одговорност, бидејќи карневалската недела не е само манифестација, тоа е традиција, обичај што секоја година треба да биде испочитуван највисоко ниво – ни сподели Танкица Стојанова, претседателка на Струмичкиот карневал.
Годинава карневалот има повеќе новитети. Денеска за првпат во Струмица публиката ќе може да проследи мјузикл на македонски јазик за деца и млади, „Аладин и волшебната ламба“, во кој учествуваат 130 деца. Потоа, в петок е закажана изложба на темата „Карневалот – танц на бојата и радоста“, каде што ќе учествуваат ученици од прво до деветто одделение, со што и најмалите се мотивирани да се вклучат со свои идеи во карневалската магија. Друго изненадување годинава е „Сите на нога со Џајковски“, односно, по завршувањето на Интернационалната поворка, на централната бина на плоштадот „Гоце Делчев“ ќе настапи светски познатиот диџеј Кирил Џајковски.

– До минатата година 15 години под ред концертот под маски се одржуваше секоја година во беспрекорно светло, годинава поради оправдани и разбирливи причини не можеше да се реализира, па така излезе иницијатива за карневалскиот мјузикл, којшто се одржува за првпат. Публиката несомнено ќе ужива во изведбата на младите артисти – информира Танкица.
Оваа година Струмичкиот карневал има зголемен број на маски.
– Секоја година треба да се стремиме да бидеме подобри и поиновативни од претходната, затоа и годинава решивме да направиме концерт, за да може граѓаните да се забавуваат и да уживаат максимално во карневалската магија.
Годинава имаме зголемен број на маски, што е за поздрав. За главната интернационална поворка имаме пријавено над 1.000 учесници, 30 маски од Македонија и 11 маски од странство. А за детскиот карневал в недела имаме пријавено над 600 деца. Фактот дека имаме пријавени маски за првпат и тоа што имаме групи што се маскираат по неколку години пауза особено ме радува – вели Танкица.
Годинава од општинскиот буџет се издвоени 3,7 милиони денари. Општина Струмица е главен покровител на Струмичкиот карневал.
– Сметам дека видливоста е најважниот сегмент за секоја манифестација. Информацијата мора да допре до секој човек во нашата земја, а и надвор од неа. За да се организира цела манифестација се потребни многу средства, затоа нѐе поддржува и Министерството за култура и туризам. Би ги издвоила и сите општествено одговорни фирми и компании што даваат придонес за одржување на нашиот карневал, кои треба да бидат пример за сите други фирми во нашата држава. Оваа година очекуваме многу гости, а ние како струмичани и како добри домаќини да ги пречекаме и сите заедно да се забавуваме и да уживаме во карневалската магија – дополнува претседателката Танкица Стојанова.

































