Министерството за транспорт започна иницијатива за склучување спогодба за воздушен сообраќај со Кралството Саудиска Арабија. Со оваа спогодба ќе се воспостави правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу двете земји.
Досега меѓу Македонија и Саудиска Арабија не постоел директен авионски сообраќај. Очекувањата се дека воспоставувањето на редовни линии ќе придонесе за развој на економската соработка, поттикнување на туризмот, зголемување на трговската размена и зајакнување на билатералните односи.
– Со спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди. Македонија и Саудиска Арабија негуваат пријателски односи, со заемна заложба за унапредување на економската и трговска соработка, зголемување на инвестициите како и продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес – вели вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Од Министерството за транспорт потенцираат дека склучувањето вакви спогодби во меѓународни рамки претставува важен инструмент за унапредување на поврзаноста меѓу државите и зајакнување на економската, политичка и институционална соработка.
– Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство – се вели во соопштението.
































