- Џеки Кенеди во текстот не постои како субјект со сопствен глас, туку како тело и слика врз кои се проектираат машките, политичките и медиумските наративи. Смртта на сопругот не е само лична загуба туку спектакл, историски момент што ја замрзнува во улогата на „вечната вдовица“
Директорот Роберт Вељановски и актерката Трајанка Илиева-Вељиќ на денешната прес-конференција ја најавија првата премиера во годината во која Драмскиот театар го прославува големиот јубилеј – 80 години од основањето на театарот. Премиерата на претставата „Драми на принцезите – Џеки“ ќе се игра денеска, во 20 часот, на малата сцена на Драмскиот театар.
„Драми на принцезите – Џеки“ е монодрама на режисерката Жива Бизовичар од Словенија. Претставата е работена по текст на австриската авторка Елфриде Јелинек, која за романот „Пијанистка“ во 2004 година ја добива Нобеловата награда за литература.
Преводот на текстот од германски јазик е на Катерина Шекутковска. Во уметничкиот дел од тимот на претставата работеа драматургот Ник Жнидаршиќ, сценографот и автор на музиката Јан Крмељ од Словенија. Костимограф на претставата е Александар Ношпал, фотограф е Филип Кондовски, инспициент е Жарко Намичев, а суфлерка е Милка Анчевска.
Актерката Трајанка Илиева-Вељиќ во своето обраќање им се заблагодари на колешките Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Ивана Павлаковиќ и Јасмина Василева за поддршката што ѝ ја дале за монодрамата „Драми на принцезите – Џеки“.
Во програмската белешка за претставата се истакнува дека:
„Во драмскиот текст ‘Драми на принцезите’, Елфриде Јелинек ја користи фигурата на Џеки Кенеди како културен и медиумски конструкт, а не како приватна, историска личност. Таа е симбол на жената претворена во икона преку траумата, жената чија болка е јавно експонирана, естетизирана и консумирана од масовната култура.
Џеки Кенеди во текстот не постои како субјект со сопствен глас, туку како тело и слика врз кои се проектираат машките, политичките и медиумските наративи. Смртта на сопругот не е само лична загуба туку спектакл, историски момент што ја замрзнува во улогата на ’вечната вдовица‘. Јелинек ја проблематизира токму таа позиција: жената, која мора да биде достоинствена, убава и тивка, додека светот ја набљудува нејзината траума.
Преку Џеки Кенеди, авторката ја разобличува врската меѓу моќта, машкиот политички мит и женската пасивност. Таа е присутна како прилог кон машката историја, како украс и доказ за величината на мажот, дури и во моментот на неговата смрт. Нејзината индивидуалност исчезнува зад симболиката, зад фотографиите, костимот, јавниот гест.
Во контекст на циклусот ‘Драми на принцезите’, Џеки Кенеди претставува модерна варијанта на девојката што е жртвувана, не преку директно насилство, туку преку јазикот, медиумите и идеалите за женственост. Смртта тука не е само физичка, туку и симболична – смрт на приватноста, на субјективноста и на автентичниот женски глас“.
Премиерата на претставата „Драми на принцезите – Џеки“ е вечерва, со почеток во 20 часот.































