Министерот за правда, Игор Филков, денеска ги образложи правосудните реформи, нагласувајќи дека државата се наоѓа во фаза на длабоко преструктурирање на судските и обвинителските механизми. Наместо козметички измени или ограничени интервенции, Владата, како што истакна тој, спроведува сеопфатен процес насочен кон јакнење на интегритетот, деполитизација, отчетност и долгорочна правна стабилност.
Во неговото обраќање на настанот „Европски стандарди за дисциплински и изборни механизми во правосудството“, во организација на НКЕУ-МК, Филков потенцираше дека реформите се директен одговор на системските слабости кои со години ја разјадуваат довербата на граѓаните – долготрајни постапки, недоволна транспарентност, неправилности во изборните и дисциплинските механизми, како и случаи на корупција и неефикасна одговорност.
Затоа, според него, модернизацијата на правосудството не е само техничка задача, туку државна обврска со долготраен ефект врз владеењето на правото и европскиот интегративен процес.
– Непристрасноста и независноста на судиите се централни столбови на владеењето на правото. Само преку нивно доследно почитување можеме да обезбедиме правна сигурност, заштита на човековите права и зголемување на довербата на јавноста во институциите – изјави Филков.
Министерот нагласи дека реформите веќе даваат конкретни резултати, особено во Судскиот совет, каде новиот закон донесува строги критериуми за избор и разрешување, засилена проверка на професионалната биографија, појаснето дефинирање на „истакнат правник“ и воведување јавни расправи и транспарентни огласи при изборот на членови. Дисциплинската постапка за членовите е детално уредена, со јасни основи за одговорност и редуцирање на простор за политички влијанија.
Дополнително, се воведува и итна постапка за утврдување одговорност на судии и претседатели на судови, која мора да биде завршена во рок од шест месеци.
Филков ја најави и финалната фаза на усвојување на Законот за јавно обвинителство, кој, како што објасни, носи европски стандарди и јасен мерит‑систем за избор, унапредување и оценување на обвинителите.
– Ги зајакнуваме гаранциите за самостојноста на обвинителите и прецизно ги ограничуваме условите под кои може да се даваат задолжителни писмени упатства. Надзорот го уредуваме системски, без мешање во конкретни предмети – истакна тој.
Реформите предвидуваат и јасни основи за престанок на функцијата во случај на правосилна осуда, како и рокови за дисциплински постапки од шест до девет месеци. Според препораките на ГРЕКО, дисциплинските повреди првпат се поделени на лесни, потешки и најтешки.
Министерот соопшти дека Владата го усвоила и новиот Закон за Советот на јавни обвинители, со кој се воведува повисок професионален цензус, транспарентни изборни процедури и задолжително јавно образложување на сите одлуки – од избор и унапредување, до дисциплинска одговорност и разрешување.
– Изборот на јавните обвинители повеќе нема да биде формалност или резултат на затворени договори – туку процес заснован на заслуги, интегритет и професионалност – потенцираше Филков.
Министерот порача дека реформскиот пакет опфаќа триесетина закони, најголемиот дел клучни за правосудството, и дека земјата првпат има историска можност да постави здрави и европски усогласени правосудни темели.
– Имаме можност да создадеме правосудство на кое сите ќе можеме да се потпреме – транспарентно, професионално и непристрасно – додаде тој.































